Управниот суд, по поднесена жалба од заменик-министерот за внатрешни работи Митко Чавков, вчера ги ставил надвор од сила, односно изрекол привремена мерка сѐ до донесување конечна пресуда за сите 29 решенија, кои еден ден пред Нова година ги донесе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Од 29, пет се решенија за разрешувања на началниците на секторите за внатрешни работи Скопје, Куманово, Битола, Штип и Охрид. Освен началничките, Управниот суд со привремена мерка ги ставил надвор од сила и решенијата на Спасовски за унапредување на уште 17 лица.
Заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков утрово преку телеграма ги известил директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање дека се должни веднаш да ја спроведат одлуката на Управниот суд.
Чавков во телеграмата навел дека незаконски унапредените кадри треба да ги вратат во првобитна состојба и работните простории, документацијата и возилата што ги користеле. -Во тој контекст, задолжени сте веднаш да ја воспоставите претходната состојба во Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнвање каква што била пред донесувањето на цитираните решенија за именување, разрешување и распоредување, што вклучително подразбира и примопредавање на работните простории, материјалнотехничките средства и документацијата од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи за чиишто решенија за именување или распоредување е воспоставена судска забрана за преземање дејства сѐ до правосилноста на одлуката по тужбите поднесени од дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи – наведува во телеграмата од Чавков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.