Германците, основачи и финансиери на повоената унија, ги затворија своите граници за бегалците, обидувајќи се да ѝ помогнат на канцеларката што дозволи влез на милион емигранти политички да опстане. Па, зошто да не? Тие одлучиле да ја заживеат германската марка.
Тоа не е фантазија на тврдокорните евроскептици туку вистински страв изразен на највисоко ниво во Берлин и во Брисел.
Ова го кажаа минатата недела канцеларката Ангела Меркел, чиј рејтинг значително опадна по новогодишните напади во Келн за кои се обвинуваат баратели на азил, и претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер.
Јункер ја повтори Меркел, предупредувајќи дека централните економски остварувања на заедничкиот пазар и еврото се изложени на ризик од некохерентни, националистички реакции за миграцијата и други кризи. Тој ги повтори предупредувањата дека Европа ја има својата „последна шанса“, дури и ако тој сѐ уште се надева дека тоа не е „почетокот на крајот“.
Меркел, која се соочува со проблеми меѓу нејзините конзервативни поддржувачи како и од противниците, ја нарече Европа „ранлива“, а судбината на еврото „директно поврзана“ со решавањето на кризата со миграцијата, истакнувајќи го ризикот од сериозни економски турбуленции и ризикот од формално демонтирање на институциите на ЕУ.
На некои им се чини дека обичните заплашувачки тактики насочени кон европските држави што можат премногу да изгубат од колапсот на ЕУ – Грција и Италија, го одолговлекуваат контролирањето на медитеранската граница на блокот, а источните Европејци што имаат корист од германските субвенции и од работните места во производствените снабдувачки синџири негодуваат на барањата дека тие можат да помогнат и да прифатат бегалци.
Германците, исто така, добиваат мала помош од коосновачот на ЕУ, Франција, чии лидери се плашат од зголемувањето на антиимигрантскиот Национален фронт, или од трета сила на Унијата, Велика Британија, која се соочува со внатрешна дебата за тоа дали да се откаже од европскиот клуб.
Значи, празна закана или не, напорите да се вклучи помошта од Турција покажува мал знак за спречување на бегалците да пристигнат на грчките плажи и германските и европските претставници предупредуваат дека без големо намалување на напливот на бегалци или без промена на мислењето на другите членки на ЕУ да го ослободат Берлин од осамената задача за сместување на бегалците, Германија можеби ќе ги затвори своите врати, продлабочувајќи ја кризата оваа пролет.
Германските предупредувања
Додека конзервативните сојузници на Меркел во јужниот пограничен дел на Баварија бараат таа да ги запре претежно муслиманските азиланти пред регионалните избори во март, нејзиниот министер за финансии упати една од своите препознатливи закани до колегите од ЕУ за тоа што би можело тоа да значи за нив.
– Многумина мислат дека тоа е германски проблем – рече Волфганг Шојбле на средбите со колегите министри за финансии на ЕУ во Брисел. – Но, ако Германија го прави тоа што сите го очекуваат, тогаш ќе видиме дека тоа не е германски проблем, туку европски.
Високите сојузници на Меркел работат напорно за да се задуши бунтот на парламентарната партија што се закануваше да ја попречи финансиската помош што ја зачува Грција во еврозоната минатата година. Но притисокот е сѐ поголем за националните мерки, како што се граничните огради, за кои Меркел како дете од Источна Германија рече дека не може да ги поддржи.
– Ако се изгради ограда, тоа е крајот на Европа онаква каква што ја знаеме – изјави еден висок конзервативец. – Треба да бидеме трпеливи.
Висок германски претставник изјави дека, сепак, времето истекува.
– Канцеларката бара повеќе време од нејзината партија – рече тој. – Но… тој наратив… ја губи уверливоста што можеби ја имаше во октомври или во ноември. Ако ја додадете и дебатата за Келн, таа се соочува со сѐ потешка ситуација.
Тој истакна дека бројот на бегалци не опаднал драстично во текот на зимските месеци како што се очекуваше.
– Замислете само што ќе се случи кога ќе се подобрат временските услови – рече тој.
Стравувања за шенгенската зона
Меркел и Јункер експлицитно ги поврзаа новите национални гранични контроли во шенгенската зона со колапс на единствениот пазар во срцевината на блокот, како и на еврото. И двете ќе уништат работни места и ќе ја уништат економијата.
– Без шенгенската зона… еврото нема смисла – изјави Јункер на новогодишната прес-конференцијата. – Историската национална огорченост повторно се појавува – додаде тој – обвинувајќи ја неговата генерација лидери во ЕУ за упропастување на наследството на основачите на Унијата кои ја преживеале Втората светска војна.
Меркел сѐ уште не укажа на тоа дека Берлин може да ги следи соседните земји како Австрија и Данска во натамошното затегнување на граничните проверки за да се спречи влезот на илегални бегалци. Но, таа јасно стави до знаење дека Европа може да настрада.
– Никој не може да се преправа дека може да се има заедничка валута без можност да се преминуваат границите релативно лесно – изјави таа на деловен настан минатата недела.
Приватно, германските претставници се поексплицитни. – Имаме рок до март, можеби до лето, за европско решение – изјави друг германски официјален претставник. – Во спротивно, шенгенската зона ќе пропадне.
Висок официјален претставник на ЕУ беше подеднакво директен: – Постои голем ризик дека Германија ќе ги затвори границите. Според тоа, без шенгенската зона… Постои ризик дека самитот во февруари ќе го започне одбројувањето до нејзиниот крај.
На следниот самит на лидерите на ЕУ за еден месец отсега, следуваат средби што минатата година беа одбележани со договор за стратегија за миграција, а следуваат и препирки околу неуспехот да се имплементира тој договор.
Од 160.000 баратели на азил за кои лидерите на ЕУ се согласија во септември да се распределат меѓу земјите-членки, помалку од 300 се преместени.
Берлин и Брисел продолжуваат да вршат притисок за поголема распределба низ Европа. Но, малкумина се надеваат на тоа – еден висок германски официјален претставник тоа го нарекува „јалова работа“.
Турскиот клуч
Лидерите на ЕУ надежта ја гледаат во помошта на турскиот претседател Таип Ердоган, човекот што многумина од нив го сметаат за диктатор.
Берлин се залага за повеќе пари од ЕУ за Анкара, повеќе од договорените три милијарди евра, што Италија го блокира. Некои Германци предлагаат едноставно користење на германски средства за да се запре напливот на бегалци од Турција.
Официјални претставници на ЕУ велат дека е премногу рано за паника. Напливот на бегалци овој месец опаднал. Податоците на ОН покажуваат дека бројот на бегалци во јануари изнесува половина од дневната стапка од 3.500 бегалци во декември. Напредокот го вклучува потегот да им се дозволи на околу 2.1 милиони сириски бегалци во Турција да се вработат. ЕУ ќе финансира повеќе училишта за децата-бегалци.
Сепак, еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, кој патува за Берлин во понеделник, изјави за Европскиот парламент минатата недела: – Ситуацијата се влошува.
Бегалската криза ја загрози „срцевината на Европската унија“, рече тој, велејќи дека не постои основа за оптимизам, освен дека „оптимизмот е последната линија на нашата одбрана“.
Извор: „Ројтерс“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.