| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска верзија на „Леле луѓе што направивиме“!

EHF European Men's Handball Championship 2016

„Отпишаните“ Хрвати направија вистинска сензација на последниот натпревар од третото коло во групата 1 на Европското првенство во Полска. Пласманот на „каубоите“ во полуфиналето беше рамен на теорија со минимален процент пред овој меч. Хрватска требаше да победи против домаќинот Полска со 11 или повеќе голови разлика, што и се случи. И најголемите отпимисти од Хрватска можеби не веруваа дека токму нивната репрезентација ќе се пласира во полуфиналето гледајќи ги претходните мечеви на своите ракометари. Хрватска буквално ја декласира Полска пред преполната Таурон Арена со 37-23. Хрватите докажаа дека се е можно. Покажаа како „се гине“ на терен за националниот дрес и за овој меч веќе заслужуваат „злато“.
Со оваа победа Хрватска го исфрли од борбата за медал и домаќинот, но и актуелниот олимписки, светски и европски шампион, Франција. Пласман во полуфиналето од краковската група обезбедуваат Норвешка како првопласирана и Хрватска како второпласирана. Во полуфиналето на ЕП ќе играат Хрватска – Шпанија и Норвешка – Германија.

EHF European Men's Handball Championship 2016

Хрватските ракометари тргнаа во силно темпо и во обид да го фатат последниот воз за полуфиналето, колку и да изгледаше тој невозможен пред натпреварот. Првото полувреме заврши со пет гола позитива за „коцкестите“ (10-15).
Веќе во 37.минута Хрватите ги достигнаа неверојатните 11 гола разлика што им требаа во „лудата“ теорија за пласман во полуфинале. Храбрата и пожртвувана игра на хрватските ракометари им донесе резултат, а Полјаците останаа 11 минути без погодок. Фантастичната серија на Хрватска ја прекина Михал Дашек намалувајќи на 11-23 во 42.минута од натпреварот.
Не застана хрватскиот налет ни во продолжението на мечот. „Коцкестите“ ја полнеа мрежата и ги фрлија во очај домаќините поведувајќи со 30-13 во 47.минута. Полјаците во шок немаа сили да одговорат на инспирираната игра на Хрватска и на крај доживеаја катастрофа што не му се случила досега на ниеден домаќин на европските шампионати во меч за пласман во полуфинале. Мануел Штрлек кој настапува за полскиот тим Кјелце беше неверојатен со 11 погодоци. На голот импресивен настап имаше Ставановиќ со 16 одбрани.

EHF European Men's Handball Championship 2016

За овој подвиг ракометарите беа почестени од присуството на хрватската претседателка Колинда Грабaр-Китаровиќ на трибините, која по натпреварот слезе доле на теренот и заедно го прослави пласманот на својата земја во полуфиналето. Таму Хрватска ќе игра со Шпанија која минимално со 25-23 славеше победа над Русија и го зазема првото место во групата 2.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top