| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес

johanes han

Во интервју за софиски „Капитал“ еврокомесарот Јоханес Хан, кој учествуваше на средбата меѓу бизнисот и бугарската Влада организирана од овој медиум, одговори и на две прашања поврзани со политичката криза во Македонија, односно за можниот развој на настаните низ призмата на евро-атланската перспектива на земјата.

Како очекувате да се развие ситуацијата во Македонија откако премиерот Никола Груевски даде оставка и беше назначен технички кабинет, но опозицијата претставена од СДСМ одбива да оди на избори во април, зашто се сомнева дека тие ќе бидат фер? Што ќе се случи ако СДСМ го бојкотира гласањето, и што е подобро – гласањето да биде спроведено без нив или да се бара компромис?

Договорот меѓу опозицијата и Груевски за разрешување на политичката криза во Македонија има многу елементи, и изборите во април се само еден од нив. Дел од тие елементи се исполнети, макар и по крајниот рок што беше предвиден. Се разбира, во таква чувствителна ситуација е убаво да има национален консензус. Но, треба да прифатиме дека тоа може и да е недостижно. Она, што е значајно за нас, е изборите да се фер и демократски. Работиме со ОБСЕ и тие ќе испратат повеќе луѓе од вообичаено да набљудуваат, како во подготвителната фаза, така и на самото гласање на изборниот ден. Во Турција, на пример, на последните избори имаше 30 набљудувачи, а сега, во Македонија, многукратно помала држава, ќе има 24. ОБСЕ се подготвени да ѝ помагаат на македонската ДИК, ако таа побара помош. Пак ќе речам, за нас одлучувачко е изборите да се случат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред.

Ако има позитивен резултат од ова, очекувам дека државите од ЕУ ќе работат проактивно за решавање на проблемот со името. Зашто блокирањето на преговорите за членство од страна на Бугарија и на Грција придонесува за создавањето на оваа атмосфера, и за ситуацијата што во Македонија ја имаме во моментов. Неопходни се политички решенија. Пред десет години Македонија беше првенецот во балканското одделение. Сега е во далеку полоша форма. И искуството покажува дека ако државите немаат европска перспектива нештата се изјаловуваат.

До кој степен ЕУ е подготвена да ја притиска Македонија, која со години под управата на Груевски оди во лоша насока?

Прво, важно е дека ние ја оценуваме подготовката и реализацијата на изборите. Ова го прават експерти од меѓународни организации. Ние сметаме на нивните извештаи.

Второ, ако една држава има статус на кандидат за членство десет години по ред, и уште шест години Европската комисија препорачува да се почнат преговори, но тоа не се случува, зашто нема едногласност, секако, не е лесно. Сепак мислам дека успеваме процесот да го вратиме на патеката, но неопходно е и ЕУ да направи нешто, инаку сѐ е бесмислено. Ако Македонија докаже дека е ориентирана кон ЕУ и кон НАТО, тоа треба да биде наградено, и навистина ќе добие покана за почнување преговори. Ако тоа не се случи, ќе имаме поинаков развој, а тоа не е во интерес на мнозинството граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top