Запознаени ли се македонските осигуреници со своите права, кои се во надлежност на Фондот за здравствено осигурување?
СТЕФАНОСКИ: Една од нашите стратегиски цели и приоритети е што повеќе граѓани да ги осознаат правата што ги дава ФЗО. Фондот, како финансиска институција, има обврска да ги обезбеди здравствените услуги за македонските осигуреници. Алатките што ни стојат на располагање и кои ги користиме се нашата веб-страница, прес-конференциите, споделувањето на новините преку нашите договорни субјекти, а тоа се матичните лекари, стоматолози, гинеколози, сите доктори што работат во здравствениот систем, печатење и делење промотивни летоци, брошури. Од поново време користиме и СМС и директни телефонски јавувања, потоа електронска пошта, социјалните мрежи. Како ФЗО ги користиме сите современи алатки за комуникација во јавноста за што поголем број осигуреници да дознаат за своите права и да може да ги ползуваат во системот на здравствена заштита. Секој што ќе забележи одреден проблем или доколку некое право му е оневозможено ја има на располагање бесплатната телефонска линија, која е објавена на нашата веб-страница.
Фондот за 2016 година има историски најголем буџет од формирањето. На што ќе се потрошат најголем дел од средствата со кои располага?
СТЕФАНОСКИ: Буџетот на ФЗО е двојно зголемен од кога е формиран Фондот во ноември 2000 година. Буџетот за 2016 година изнесува 25 милијарди и околу 600 милиони денари, што е, пак, повеќе за околу една милијарда и 400 милиони денари, за разлика од буџетот во 2015 година. Тоа значи дека многу повеќе средства се на располагање за здравствениот систем и многу повеќе средства ќе бидат инвестирани во подобрување на услугите. ФЗО е стратегиски купувач на услуги од здравствените установи. Од оваа година воведовме проект, а тоа е директна посета на здравствените установи и договарање буџет директно на терен и може да кажеме дека најголем дел од средствата ќе биде инвестиран во јавните здравствени установи и тоа во спроведување нови методи, во усовршување на постојните, затоа што ние силно сме убедени дека воведувањето нови методи значи напредок во медицината. Здравството во секоја земја е директно врзано со економската сила на земјата. Ако во 2006 година во Македонија работеле околу 560 илјади луѓе, во 2015 година нововработени се 150 илјади луѓе, кои издвојуваат процент од сопствената плата и тие средства, преку Министерството за финансии, завршуваат во Буџетот на ФЗО. Зголемениот број вработувања директно влијае на ФЗО, преку издвојувањето процент за здравствено осигурување од бруто-платата (7,3 проценти). Тој процент директно завршува во ФЗО и ние тие пари ги префрлуваме до здравствените установи за да обезбедиме доволен број здравствени услуги. Ова е едно од најмалите издвојувања во ЕУ.
За лекување во странство е планирано да се потрошат 300 милиони денари. Кои случаи се приоритетни за Фондот?
СТЕФАНОСКИ: Без разлика на сумата што е наведена како буџетска ставка за лекување во странство, финансиските средства за оваа намена се неограничени. Ние ќе потрошиме толку средства колку што има потреба за да им излеземе в пресрет на нашите осигуреници и да ги испратиме на лекување во странство доколку таква интервенција не се врши кај нас, а тоа е потврдено од стручните конзилиуми на соодветната клиника каде што се третира пациентот. За нас приоритет се сите случаи за кои е поставена таква дијагноза за која нема можност да се лекува во Македонија. Клучна улога во целиот систем има стручниот конзилиум на соодветната клиника затоа што со соодветен параф на соодветните лица во таа институција треба да биде издадено конзилијарно, стручно мислење, кое ќе наведе дека таа интервенција не се врши во Македонија. Во изминатиот период направивме низа административни кратења, односно значително го скративме периодот на донесување одлуки по добиено барање за лекување во странство. Ако стручниот конзилиум на соодветната клиника смета дека станува збор за витално загрозувачка ситуација, тогаш ФЗО е обврзан да одговори на барањето и да го испрати лицето на лекување во странство во најкраток рок. Еден предмет на смее да биде разгледуван повеќе од трипати. Направивме специјализиран тим, кој има задача да ги следи сите социјални мрежи и медиуми и да ги лоцираме сите пациенти што бараат помош на различни начини, да контактираме со нив и да им укажеме на правните норми и на сите чекори што треба да ги преземат, да се јават на лекар, да се обидат да добијат конзилијарно мислење и да поднесат барање до ФЗО.
Најавивте неколку проекти како „Фондот поблиску до пензионерите“, „Фондот се грижи за хроничните болни“, потоа заменување на класичното административно работење со електронско работење, проектот за електронски потврди за крводарителите. Колку ова ќе ја подобри работата и ефикасноста на ФЗО?
СТЕФАНОСКИ: Добар дел од проектите се посветени на формална и на неформална комуникација со различни категории осигурениците за да ги запознаеме со одредени права што ги имаат во здравствениот систем. Имаме одлична соработка со здруженијата на пензионерите, организираме работилници на кои стручни лица од ФЗО ги пренесуваат новините. Проектот „Фондот се грижи за хроничните болни“ го почнавме лани и е наменет да комуницира со тие луѓе што имаат хронични болести од трите најчести незаразни болести – кардиолошки, бубрежни болести и дијабет. Тимови од ФЗО комуницираат со овие луѓе. Имаме и отворени денови на ФЗО, а наш силен фокус е развивањето електронски услуги што ќе ја заменат досегашната класична работа на ФЗО. Тоа значи дека нашите осигуреници и сите фактори добар дел од постапките ги вршат директно од ординацијата или од дома. Еден од тие проекти е и електронската потврда за крводарители, кој е еден од поуспешните проекти на ФЗО. Да им се даде можност на тие што оствариле право на крводарители да остварат и право на здравствена заштита. Здравствениот работник директно во софтверот може веднаш да види дека тој како крводарител има право на здравствена заштита. Овој проект го работевме со Институтот за трансфузиска медицина и наидува на одличен прием. Подготвуваме уште еден сет мерки, со единствена цел што помалку да се минува време во администрација.
Најголем дел од средствата од буџетот на Фондот се планирани за постапката за вонтелесно оплодување. Каков е интересот?
СТЕФАНОСКИ: Пакетот за постапката за вонтелесно оплодување, кој чини околу 80 илјади денари, комплетно го презема ФЗО. Сметам дека тоа е огромно олеснување за луѓето што аплицираат за вонтелесно оплодување, а сега тоа се однесува и за трето и за четврто дете. Имаме дозволено бесплатно вонтелесно оплодување за прво, второ, трето и за четврто дете до три обиди во една од деветте институции со кои ФЗО има склучено договор.
Рак-рана долго време беше исплатата на породилното боледување. Доцни ли денес исплатата на секое боледување?
СТЕФАНОСКИ: Повеќе од шест месеци функционира новиот софтвер во ФЗО, кој гарантира исплата месец за месец на породилното боледување, но и на другите боледувања. Нема доцнење. Комплетно е дигитализирана постапката во тој дел, нема човечки фактор, поврзани сме со УЈП од каде што се „влечат“ податоците за исплатите додека лицето било во работен однос. Штом осигуреникот го оствари правото на боледување, влегува во процесот на исплата месец за месец. Исплатата на боледувањата не е врзана со исплатата на придонесите во фирмата. Исплатите се со многу висок процент, до 98 проценти. Секоја мајка на дете до три години има право на боледување на име на детето. Тоа може да биде потврдено од педијатар.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)