| четврток, 6 декември 2018 |

Од Бугарија во Грција месечно се продаваат десет бебиња

бебе

Само преку еден канал од Бугарија во Грција месечно се продаваат десетина бебиња, а за новороденче Грците издвојуваат меѓу 8.000 и 12.000 евра, покажало истражување на бугарската Нова телевизија

Бугарската Нова телевизија прикажала мајки и трговци со деца, истакнувајќи дека еден дел од децата се посвојуваат, додека одреден дел, кои имаат здравствени проблеми, стануваат дел од синџирот за трговија со органи.

Еден од учесниците на трговијата со бебиња Пламен Димитров кажал дека девојчињата се повеќе барани и дека никој не бара документација за потеклото на децата.

Според него, некои клиенти во криминалната шема купуваат деца затоа што не сакаат со бременоста да си го нарушат изгледот.

Доколку станува збор за близнаци, Димитров тврди дека голема е веројатноста да бидат разделени бидејќи организаторите добиваат повеќе пари од посебната продажба.

-Ги земаат трудниците од станови и ги носат во болница да се породат. Тие станови се како фабрики за деца каде по неколку жени чекаат да се породат – вели Димитров.

Според тврдењата на бугарската телевизија, грчката полиција во Солун почнала истрага за скандалозната продажба на бебињата.

Бугарската јавност беше шокирана кога грчката полиција во октомври 2013 година во ромски камп во Фарсала во Грција најде русокосо девојче од Бугарија кое медиумите го нарекоа „Русокосиот ангел“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top