Најзагрижувачко во целата ситуација во Македонија на влезот на ова 2016 е тоа што на 25-годишнината од самостојноста на државата, сè уште не заживеала демократската култура. A корените за тоа се поставени уште од гласањето за осамостојувањето. На референдум, мирно, достоинствено и, за волја на вистината, дури и спротивно на интересите на идолопоклониците на едноумието, кои беа во врвот на државата, македонскиот народ гласаше за тоа во иднина главниот збор да го има самиот тој. Сепак, нема да се навраќаме толку длабоко во историјата, на детските болести на демократијата, на криминалниот преод на државниот капитал во приватни раце, злоупотребите на демократијата, кражбата на изборите што завршуваа и со жртви, пресметки со неистомислениците…
Тоа што, сепак, е најболно е што и по толку години, условно наследниците на истите идолопоклоници се обидуваат да занемарат дека главниот збор го имаат граѓаните и нивната волја. Или, како што тоа по едни загубени избори, навидум шеретски, во функција на претседател на партија, го посочи Бранко Црвенковски: „Народот е во право, дури и кога греши“.
Ако неговиот СДСМ од 2006 година не може да преболи дека постојано губи од тие на кои „до вчера“ успеваше да им ја одземе победата од раце, тоа никако не го поттикнува да го пречекори прагот за воведување демократија прво во функционирањето на партијата, а потоа и да излезе на рамноправен натпревар пред граѓаните и да ја освои нивната доверба. Наспроти тоа, СДСМ оттогаш без прекин ја втурнува државата во нови, последователни кризи, сметајќи на тоа дека без програма и на сила ќе ја освои власта. Во сите овие години се бараат избори, што е и нормално од опозиција, а потоа се бега од нив – што е, пак, својствено само за македонската опозиција. Причините, пак, па и вокабуларот, се повторуваат.
Континуирана криза од 2008 година
Изборите во 2008 година се случија по самитот на НАТО во Букурешт, по што СДСМ влезе во „офанзива“ поврзана со евроатлантските интеграции, но и шпекулации за „цената на името“. Во исто време СДСМ бараше лидерска средба под покровителство на претседателот Бранко Црвенковски, итна собраниска седница на која премиерот Груевски ќе се изјасни дали продолжуваат преговорите со Грција, но и техничка, експертска или широка владина коалиција, додека ДУИ бараше распуштање на парламентот и предвремени избори. ДУИ, која во тоа време беше во опозиција, половина година не учествуваше во работата на Собранието бидејќи сметаше дека местото ѝ е во владата, како партија со поголем број освоени гласови кај албанскиот електорат. Но, не беше само Букурешт тоа што предизвика избори. Претходната 2007 година помина во криза поради Деловникот за работа на парламентот, зачинет со 2.000 амандмани, но и жестоки седници на собраниските комисии на кои летаа шишиња и се „киднапираше“ првата дама на мандатно-имунитетната комисија за истрагата за Владо Бучковски. Но, и по сето тоа, сметаа дека нема потреба од избори!? Во услови на создадената политичка криза, најголема добивка имаше партијата ДУИ, која, по непишано правило, се најде во власта како освојувач на гласовите на албанските гласачи.
Тукушто почна со работа новиот парламентарен состав во 2008 година, СДСМ го напушти поради апсењето на нивниот тогашен в.д. партиски лидер и градоначалник на Струмица Зоран Заев за случајот „Глобал“. Политичката криза беше надмината, а опозицијата вратена во Собранието откако Бранко Црвенковски, тогаш во улога на шеф на државата, го помилува Заев.
„Во Македонија, случајот на опозициското отфрлање на изборите е уште поспецифичен: СДСМ е против вонредни избори бидејќи, велат, не се на линија на државните интереси. А, од друга страна, со сета одговорност тврдат дека Владата води катастрофална политика за државата. Според тоа, логички произлегува дека тие не се за избори на кои ќе победат и ќе ја заменат катастрофалната власт, треба да останат во опозиција и само да ја критикуваат власта што води катастрофална политика за државата“, пишува во својата колумна Димитар Мирчев во 2008 година.
Истата реторика не запре ниту во периодот до изборната 2011 година, идентична како и сега. И тогаш важеа истите обвинувања за „режим”. Упатените уште од тогаш забележуваа дека кампањата на СДСМ не се темели на конкретна програма, туку само на помпезни најави за нереални работи и обвинувања и навреди. Во 2011 година се замина на избори организирани откако СДСМ во јануари го напушти Собранието по случувањата со телевизија „А1“ и ултимативно побара нови избори. Секако, со услов за ослободување на Велија Рамковски. Власта ги прифати барања, освен за медиумите на Велија, бидејќи не е во нејзина надлежност.
Реакциите за тој бојкот и барањето за избори може да се пресликаат и денес – СДСМ не ги бојкотира институциите поради одредени политички ставови туку изговорот е дека нема политички дијалог и дека власта нема демократски методи. Всушност, зад бојкотот се крие заштита или на висок партиски член или, пак, на нивни јавни моќни поддржувачи. И повторно, истата шема и истото сценарио: меѓуетнички, односно социјални немири, блокада и излегување од парламентот, закани за улична демократија, барање предвремени избори.
Кон крајот на 2012 година, на 24 декември, опозицијата направи обид за насилно уривање на демократскиот поредок во Македонија. СДСМ со организирана толпа поддржувачи, во и надвор од Собранието, требаше да го освои законодавниот дом и да прогласи некаква алтернативна власт, да ја турне власта, да ја воведе државата во институционална криза, па, според аналитичарите, да ја интернационализира кризата и да побара странска интервенција за рекомпонирање на власта во Македонија. Односно, оцената е дека се направи обид за државен удар преку улица.
Ултиматумот од 2011 година се пресликаа и во 2013 година со мали модификации. Барањата на Црвенковски за да учествува на локалните избори беа Влада во која тројца министри – за внатрешни работи, за правда и за финансии ќе бидат луѓе на СДСМ, директор на МРТВ по теркот на опозицијата и нови изборни правила. СДСМ во февруари 2013 година играше „победничко оро“ по исполнувањето на нивната желба за предвремени избори, кои сепак ги немаше, а потоа во февруари 2014 година бегаше од нив како ѓавол од темјан кога стана сè поизвесно одржувањето на тие предвремени избори заедно со претседателските избори, впрочем како што бараа самите.
„Врвот на партијата… има сериозен проблем. Прво, не ја перцепира добро реалноста и, второ, постојано наметнува услови на криза затоа што смета дека така е најлесно партијата да биде забележана во јавноста бидејќи не нуди соодветни решенија и нема програма… Ова е сосема истата приказна како во 2011 година. Што е следно? Да го смениме Уставот и во него да напишеме дека ќе има избори секогаш кога ќе побара опозицијата?”, коментира на почетокот на 2013 година професорот Јован Донев.
Последната криза во Македонија, пред овие (повторно) неизвесни избори, всушност трае од април 2014 година, откако СДСМ по одржаните избори рече дека не ги признава резултатите поради нелегитимност и дека ќе го бојкотира Собранието.
Кризата – кислород за СДСМ
Сето дејствување на СДСМ оттогаш, исто како и до тогаш, неодминливо нè враќа и потсетува на делови на стратегијата „Надеж“, изработена од Словенија, по нарачка на Бранко Црвенковски, платена со народни пари, а во која се наведени чекор по чекор акции за уривање на власта. Во неа се опишани и уличната демократија (кампови, протести, судири со полицијата) и антифашистичкото дејствување (вокабуларот, пленумите) и насилствата и играњето со меѓуетничките и меѓународните жици и нерви. За тоа како домашната и странската јавност гледаат на сето тоа, уште во 2013 година оценка даде новинарската мрежа „Балканализис“.
– Историски гледано, кризата е како кислород за водечката македонска левичарска партија… Партиските водачи на СДСМ се претставуваа себеси како мудри и умерени и како единствените што се способни да ги надминат замислените закани за опстанокот на нацијата… Место да се преориентира кон модерна агенда, СДСМ се троши во жалење пред секој што е подготвен да го слуша дека животот не е фер. Големиот број внатрешни проблеми во партијата произлегуваат од хроничната неспособност на членството да го намали влијанието на долгогодишниот водач, чијашто смена одамна требаше да се случи и кого еден странски познавач на Македонија го опишува како човек од минатото, кој политичките игри ги научил во комунизмот, а сега не знае да се приспособи на сменетиот свет – се вели во анализата од 2013 година, во која се додава дека таквото однесување на СДСМ дава повод Европската унија да ја опише состојбата во Македонија како назадување, а на Грција ѝ дава можност да го избегне притисокот што се врши врз неа да преговара за надминување на спорот за името.
Лидерот опишан во анализата е наследен од неговите блиски соработници, а дејствувањето на СДСМ остана исто. И денес на виделина е обидот за бегство на СДСМ од избори. Тоа што се наметнува како прашање е дали воопшто во таа партија постои капацитет да се воспостави „модерна агенда“ или Македонија, и по 25 години, е осудена да се соочува со „политички игри научени во комунизмот“ и со подгреани стари стратегии за насилно занемарување на народната волја? Изборите се неминовност, но и расчистувањето со изворите на кризи, за да се надмине „истата состојба“ и, конечно, да заживее демократската култура.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 176. број на неделникот „Република“, 15.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.