Министерството за култура во Годишната програма за 2016 година која е објавена викендов, поддржа 125 проекти од драмската дејност, од кои 76 претстави од професионалната продукција, 26 фестивали и манифестации и 22 аматерски претстави. Во драмската дејност во текот на 2016 година ќе се реализираат големи театарски спектакли кои ќе внесат нова свежина во репертарот на националните театари во Република Македонија.
Македонската публика ќе има можност да погледне крупни и многу значајни театарски претстави на сцената на НУ МНТ меѓу кои се “Егзодус” проектот за егзодусот на децата бегалци од граѓанската војна 19461949 во Легнице, Полска, во режија на Јацег Гломб, авторскиот проект “Соларис на Андриј Жолдак, претставите “Дон Кихот”, “Зимска бајка” и “Тартиф” на големите режисерски имиња како Александар Морфов, Томаж Пандур, Галин Стоев, како и “Јулиј Цезар” на Андреј Цветановски.
Во Драмскиот театар ќе режираат Лилиа Абаџиева од Бугарија, Љубиша Георгиевски, Дејан Пројковски, Сашо Миленковски, Наташа Поплавска, Димче Николовски. Лилија Абаџиева, по мотиви на Мери Шели ќе ја постави претставата „Франкенштајн“. Во режија на Сашо Миленковски ќе биде поставен драмскиот текст на Дејан Дуковски – „Буре барут“.
Застапени се многу режисери од сите генерации кои ќе реализираат премиери по текстови од врвни дела од светската драматика, како и дела од домашното творештво.
Од домашните автори застапени се Коле Чашуле, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Горан Стефановски, Дејан Дуковски, Рефет Абази, Сашо Димоски, Благица Секуловска, Драгана Лукан Николовска… додека од светската драматика Аристофан, Вилијам Шекспир, Молиер, Мигуел Де Сервантес, Луиџи Пирандело, Антон П.Чехов, Достоевски, Гогољ, Ежен Јонеско, Фридрих Шилер, Артур Шницлер, Георг Бихнер, Артур Милер, Данил Хармс, Николај Кољада, Патрик Марбер, Мирослав Крлежа, Миро Гавран, Иво Брешан, Иван Цанкар и други.
Во независната продукција е поддржана реализација на 18 претстави кои ќе се изведат по драмски текстови од домашните автори Златко Славенски, Срѓан Јанаќијевиќ, Едмонд Сотир, Тихомир Стојановски, Маријана Котевска, Васил Димески, како и од странските драмски автори Молиер, Данил Хармс, Хајнрих Фон Клајст, Енда Волш, Миро Гавран, Јетон Незирај, Албатрос Реџај.
Продолжува поддршката и за 26 реномирани театарски фестивали кои ќе презентираат богата програма, меѓу кои се Млад отворен театар, Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински#, МНТ Фест, Битола Шекспир фестивал, Фестивалот на комедијата во општина Аеродром, театарскиот фестивал во Тетово и други, а за прв пат ќе се реализира и манифестацијата “Европски ден на еврејската култура”. И годинава е предвидено театрите да имаат бројни гостувања во Република Македонија во рамките на театарските фестивали и разни културноуметнички манифестации како што се: “Топол културен бран”, “Град на култура”, “Скопско лето”…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.