Вкупно осум тимови на спасители на вода од охридскиот Црвен крст, распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци како и четири нуркачки тимови ќе се грижат за безбедноста на капачите кои во вторник на 19 јануари ќе скокаат по Светиот крст во водите на Охридското Езеро. Спасувачките екипи ќе бидат засилени и со осум медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со две медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила.
Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридското Езеро кај пристаништето, која изнесува 9 степени и екстремно ниската температура на воздухот, која според најавите на 19 јануари ќе може да се спушти од -10 до -18 степени, Црвениот крст повикува на исклучително високо внимание и претпазливост на оние што ќе се одлучат да влезат во водите на Охридското Езеро.
-Препорачуваме капачите да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат каков било здравствен проблем, а доколку влегуваат во вода, во неа треба да се задржуваат многу кратко и не подолго од пет минути. Во вода телото се лади десетинапати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности. Се препорачува да не консумираат алкохол пред влегување во вода бидејќи алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот. Исто така, пожелно е капачите да носат обувки – велат од Црвениот крст.
-Апелираме и препорачуваме до скокачите по крстот да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и за опасностите што постојат при капење во вода со температура од 9 степени и излегување на копно со температура на воздух од -10 степени – препорачуваат од Црвениот крст.
Инаку, во текот на денешниот ден нуркачките тимови го исчистија дното на езерото во потегот на градското пристаниште и ги отстранија сите опасни предмети што може да им наштетат на капачите.
Заради нивна поголема безбедност и заштита, капачите ќе можат да ја проверат својата здравствена состојба во понеделник на 18 јаунари од 19 до 23 часот на пунктот на Црвениот крст кој ќе биде поставен на платото помеѓу Капетанијата и ресторанот „Чун“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.