Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во ефектите на „Повратник“ („The Revenant“), филм што ги освои највисоките награди на „Златните глобуси“ и кој доби дури 12 номинации за „Оскар“, меѓу кои за најдобар филм и најдобри визуелни ефекти.
Премиерата на филмот ќе биде на 21 јануари во киното „Синеплекс“ во Скопје.
Филмот „Повратник“ постигнува восхитувачки успех на доделувањето на „Златен глобус“, освојувајќи ги главните награди за најдобар филм, најдобра режија и најдобра машка главна улога. Навестување за сличен успех се 12 номинации за „Оскар“, меѓу кои повторно за најдобар филм, најдобра режија, машка главна улога, а, меѓу другото, и за најдобри визуелни ефекти.
Кристијан Даниловски, косопственик на ФХ3Х, изјави дека тоа е највисоката награда и највисокото признание за квалитет во индустријата за продукција на визуелни ефекти.
– Наша најдобра препорака е кога последниот проект на кој сме работеле е од врвен квалитет, а признание за тој квалитет се наградите, номинациите за „Оскар“ и самиот „Оскар“. На овој филм работеше тим од 60 уметници на околу 50 кадри во периодот од мај до јули 2015 година. Според претходните дела на Инариту, и критиките што веќе излегуваат за филмот од сите страни, нè очекува мрачна, тешка драма, во која ќе се разгледува прашањето: Кој е дивјакот во дивината? Ви ветувам прекрасен филм – изјави Даниловски.
Филмот е делумно базиран врз романот „Повратник: новела за одмаздата“ од 2002 година од Мајкл Панке, кој бил инспириран од вистинскиот Хју Глас. Во 1823 година, Глас потпишал со компанијата за крзно Роки Маунтин за експедиција по горниот тек на реката Мисури, која повеќепати го довела во животна опасност од индијанците Арикара , безмилосните мечки гризли во дивината, и пријателите, кои ветиле дека ќе го заштитуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.