Претставниците на политичките партии потписници на договорот од Пржино денеска во Клубот на пратениците имаа средба со посредникот во разговорите Питер Ванхауте, на која присуствуваше и претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски.
Чичаковски на претставниците на политичките партии им го презентирал своите согледувања во однос на прочистувањето на Избирачкиот список, што е едно од отворените прашања кои произлегуваат од Договорот.
По средбата Ванхауте изјави дека технички избори се можни, но треба да се работи на Избирачкиот список.
– Претседателот и еден од експертите на Државната изборна комисија ги презентираа фактите и бројките, нивната позиција и нивните сугестии за тоа што е можно, а што не е можно. Мислам дека е многу важно што сите членови од работната група, кои се од различни партии се свесни за проблемите со кои што се соочуваме за навреме да се стигне со Избирачкиот список за да се види, како што реков, што е можно а што не е можно да се направи, рече Ванхауте.
Според него, за сите технички појаснувања разговорите треба да продолжат во ДИК бидејќи сите политички партии имаат членови во ДИК.
– Ги имаат информациите, можат да ги проверат сите документи на техничко ниво. Денеска нема да има друга средба на работната група. Ќе видиме во следните денови што ќе се случи, рече посредникот Ванхауте.
По излегувањето од средбата Чичаковски рече дека ДИК е проактивна.
– Сакаме процесот да го помогнеме за да тече што е можно побрзо, рече тој.
Во позициите што претседателот на ДИК ги посочил на средбата тој наведува дека без темелна проверка на Избирачкиот список, изборите на 24 април може технички да се спроведат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.