| четврток, 6 декември 2018 |

Германската „Акомпласт“ гради фабрика во Прилеп, 150 нови вработувања

prilep

Во Технолошко­ индустриската развојна зона Алинци денеска е поставен камен­ темелник за изградба на фабрика на германската компанија „Акомпласт“. Станува збор за инвестиција вредна три милиони евра која ќе овозможи 150 вработувања. Во објектот, кој треба да биде завршен на лето, ќе се произведуваат делови за автомобили по најсовремена технологија кои ќе бидат наменети за европскиот пазар и големите автомобилски брендови како што се „БМВ“, „дајмлер“, „ауди“,„фолксваген“, „мерцедес“, „бентли“, „јагуар“. На отпочнувањето на градбата присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека ова е петта инвестиција во државата која се промовира за само пет дена и изрази надеж дека свое вработување ќе најдат голем број млади од техничките струки од Прилеп и околината. ­

prilep2

-Навистина радува фактот што бизнис климата која што ја создадовме сите овие години и интересот што успеавме да го разбудиме кај компаниите од целиот свет ни овозможуваат постојано да имаме вакви прекрасни настани со странски инвеститори. Порано се сметаше за успех доколку нова странска инвестиција во Македонија се појави во две или три години еднаш. Денес странските инвеститори се тука скоро секој ден. Постојано комуницираме, преговараме, ги информираме и помагаме. Благодарение на таквата наша работа ни се случуваат вакви циклуси во кои речиси секој ден означуваме нова инвестиција во Македонија. Тоа јасно говори за реформите кои ги спроведуваме и за имиџот којшто го создадовме за нашата земја. Тоа јасно говори и за темпото и динамиката со кои работиме. Така ќе продолжиме и во иднина – порача премиерот Груевски.

prilep4

Претставникот на Акомпласт и управител на нивната компанија формирана во Македонија „Инџекшн холдинг Прилеп“ Инес Андре истакна дека одлуката за инвестирање во Прилеп ја донеле бидејќи тука им биле понудени најдобри услови и поддршка од Општината, поради добро обучениот кадар, како и отвореноста за соработка на Владата.

prilep5

Обраќајки се на македонски јазик истакна дека првите информации за можностите за инвестирање во Македонија ги добиле во мај 2014 година од нашиот економски промотор, а веќе во март 2015 година ја формирале компанијата „Инџекшн холдинг Прилеп“.
Франк Михаелис, исто така еден од управителите на „Инџекшн холдинг Прилеп“, посочи дека првата и најважната релација кога една германска компанија во Македонија гради фабрика е врската меѓу двете земји, а докази за македонско­германското пријателство не се само збратимените градови Скопје – Дрезден и Скопје – Нирнберг, туку и постојано растечката економска врска меѓу двете земји.
­- Се надевам дека оваа фабрика ќе придонесе за продлабочување на таа врска – рече Михаелис.

prilep6
Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески во своето обраќање нагласи дека денеска Македонија добива уште еден член во семејството на странски компании во автомобилскиот сектор. Македонија како своја нова производствена локација ја одбрале во конкуренција на повеќе држави во регионот, пред се поради бизнис климата, квалитетната работна сила и одличната инфраструктура.

prilep10
­- Со овој инвестициски проект Македонија се стекнува со уште еден доверлив и сигурен снабдувач на висококвалитетни производи кои ќе се користат во автомобилската индустрија и ќе ни овозможат привлекување на компанија производител на автомобили која ќе го заокружи целиот процес на производство, што впрочем претставува и наша крајна цел – подвлече Павлески.

prilep7
Задоволство од новата инвестиција во ТИРЗ Прилеп изрази и прилепскиот градоначалник Маријан Ристески кој посочи дека покрај нови работни места очекува инвестицијата да донесе заживување и на локалната економија, а ќе овозможи и продуцирање на стручни кадри.

prilep8
Германската компанија „Акомпласт“ е специјализиран производител за пластично моделирање на делови за автомобилската индустрија со примена на врвна и иновативна технологија која по првпат ќе се применува во Македонија и поширокиот регион, наменети за европскиот пазар, а пред се за врвните автомобилски гиганти. Овој реномиран германски производител има свои погони покрај во Германија, во Чешка и во Украина.

prilep9
„Акомпласт“, по Гентерм, е втора странска инвестиција во ТИРЗ Прилеп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top