| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: ОДВ Електрик го стартува новиот објект во зоната Охрид- Струга, инвестиција на која долго работевме

Денес се пушта во употреба инвестицијата на ОДВ Електрик во зоната Охрид- Струга, што започна да се гради кон крајот на 2015-та година, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Се сеќавам дека имавме долги преговори со преставниците на германскиот бренд во автомобилската индустрија ОДВ Електрик кои финишираа во Битола во хотелот Епинал 2014 година. Тоа беше период кога бевме во екот на изборната кампања одејќи од град во град и од село во село. Виктор Мизо кој ги водеше преговорите замоли за мое вклучување во момент кој оцени дека е многу важен за исходот на разговорите. Тогаш, со обзир дека имав митинзи во Битола и регионот ги замолив да дојдат таму. Накратко ги прекинав моите изборни активности, седнавме во Епинал и се заврши како што посакувавме. Час и половина подоцна преставникот на ОДВ даде јавна изјава дека следната нивна инвестиција ќе биде токму во Македонија, во зоната Охрид- Струга и дека планираат да изградат фабрика каде во неколку години ќе вработат околу 1000 луѓе. Бев многу среќен бидејќи тоа ни беше прва договорена поголема инвестиција во регионот на Охрид- Струга, напиша Груевски.

Инвестицијата на Костал дојде нешто подоцна исто така со планирани 1000 нови работни места, исто како и во ОДВ Електрик.

– Денес откако веќе година и пол ОДВ Електрик работи во изнајмен објект и веќе вработува над 200 лица, се пушта во употреба новата фабрика во зоната, и прва таму. Нивни соседи ќе бидат германскиот Костал кој веќе вработува над 140 лица во поранешните простории на ЕМО во Охрид и планира да дојде до 1000 работни места делумно во тие простории, а делумно во нов објект во зоната. Денес сум уште посреќен кога и официјално почнува со работа фабриката во ТИРЗ Охрид-Струга. ОДВ производува кабли и електрични инсталации за автомобилски брендови како Порше, Мерцедес, БМВ Фолсваген, напиша Груевски.

Инвестиција е од 5 милиони евра во новиот производствен погон во Зоната, на површина од 4 ипол илјади метри квадратни. Подоцна се планира негово проширување на површина од 9 илјади метри квадратни со целокупната вредност на инвестицијата од 15 милиони евра.

– ОДВ Eлктрик и Костал, нема да значат само над 2000 нови вработувања, туку и многу повеќе од тоа. Ќе има и многу индиректни вработивања, пренос на знаење и технологии, но пред се ОДВ и Костал се нова иднина за Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани. Нова шанса и нова можност за многу луѓе, нова надеж и нови перспективи за граѓаните и целиот регион, напиша Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top