| четврток, 6 декември 2018 |

Зголемен број на деца со варичела во Скопје, Куманово, Прилеп и Струмица

Бројот на заболени од варичела во народот познато и како со овчи сипаници е во пораст. Во Скопје само за една недела биле пријавени над 130 заразени, најмногу се од градинки. Зголемен број на варичела има и во Куманово, Прилеп и Струмица.

sipanica_905144207

За декември минатата година Институтот за јавно здравје добил 900 пријави што е двојно повеќе од претходниот месец. Децата од 4 до 10 годишна возраст се најпогодената популација, но заболеле и повозрасни над 30 години, кај кои според епидемиолозите, компликациите можат да бидат поизразени.

-Варичелата е лесна болест која поминува со мирување и изолација на заразениот. Овој период е вообичаено да ја има и очекуваме зголемување на бројот на пријави во наредните три до четири месеци, вели др. Гордана Кузмановска од ИЈЗ.

Бројот на заразени, местоположбата и статистиката од претходните години се дел од параметрите дали на одредено подрачје може да биде прогласена епидемија со овчи сипаници. Моменталните бројки, според епидемиолозите не се алармантни.

-Локалните центри ја следат состојбата. Во монетот имаме зголемување на заразени во три градови, но немаме факти на кои ќе се фатиме и ќе кажеме дека има простор за прогласување на епидемија. што, пак, не значи дека тоа не може да се случи во следните недели и месеци, вели Кузмановска.

Овчите сипаници се заразни два три дена пред појава на осипот. Компликациите се ретки и кај некои пациенти може да дојде до пневмонија или воспаление на мозокот. Во Македонија нема вакцина против варичела, за разлика од повеќе земји во светот каде децата се подлежни на имунизација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top