СДСМ нема да предложи нов член на ДИK на местото на Виолета Дума, за која се очекуваше вчера Собранието да ја разреши од функцијата поради исполнување на условот за старосна пензија, пишува „Дневник“.
Партискиот портпарол Петре Шилегов повтори дека за СДСМ разрешувањето на Дума е незаконско и поради тоа немаат намера на огласот што ќе го распише Собранието да номинираат свој предлог за член на ДИK. Ова ќе создаде нови политички проблеми во исполнувањето на договорот од Пржино, бидејќи, прво, ќе треба дополнителен период за екипирање на ДИK ако воопшто Kомисијата успее да се комплетира. И второ, иако ДИK ќе може да работи и без еден член, неминовни ќе бидат политички тензии зашто во Kомисијата ќе остане празно местото што треба да го пополни партиски член предложен од СДСМ, анализира весникот.
Тачи најавува бојкот
Функционирањето на ДИK дополнително може да запне и ако лидерот на ДПА, Мендух Тачи, инсистира да има смена на генералниот секретар на ДИK, зашто според него не е испочитуван договорот на лидерската четворка тој да биде Албанец. Во таков случај јавен повик ќе треба да распише и ДИK за избор на нов генерален секретар. Од ДПА вчера не можеше да се добијат детали дали ќе иницираат повторен избор на генсек. Ако ДПА го покрене ова прашање, би добила поддршка од ДУИ. Тачи по средбата со европратениците повтори дека опцијата за бојкот на изборите за него е отворена ако не се исполнат условите за фер и демократски избори.
– Никој нормален не би учествувал на избори што не би биле фер и демократски. Времето за прочистување на изборните листи истекува. Ако неделава ДИK не почне да работи со полн капацитет и не се спроведе претходниот договор, генералниот секретар да биде Албанец предложен од ДПА, надежите за праведни, фер и демократски избори ќе спласнат – рече Тачи и додаде дека на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан в петок, првиот проблем кој ќе треба да се надмине е дали четирите лидери стојат на договорот за генсек на ДИK да биде Албанец.
Чичаковски скептичен дека ДИK ќе стаса
Kако течат подготовките за изборите и дали ДИK ќе стаса да го прочисти Избирачкиот список, вчера на состанокот со ДИK се интересирала и европратеничката тројка Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Kукан, пишува „Дневник“.
Извори од ДИK брифираат дека претседателот на ДИK, Александар Чичаковски, реферирал што сработиле досега, односно дека подготвиле и на партиите им доставиле правилници за модалитетите на прочистување на Избирачкиот список за тоа дека треба да се доекипираат некои сектори. Чичаковски информирал дека ќе бидат потребни два месеца, односно четири недели за подготовка на Избирачкиот список и четири недели за теренска проверка на гласачите, каде што ќе има несовпаѓање при вкрстувањето на базите на податоци.
Претседателот на ДИK изразил сомнеж дали ќе има време за да се спроведе целата операција до изборите. На прашањето на европарламентарците дали ДИK прави напори за изборите да бидат фер и демократски, Субхи Јакупи од ДУИ рекол дека не е с` така црно, односно дека ДИK не почнува сега од почеток. Тој информирал дека во 2013 од Избирачкиот список се избришани 120.000 гласачи што немале биометриски лични документи и оти сега ќе се проверат гласачите од Пустец што се појавиле во Избирачкиот список. Јакупи рекол дека е во ред бројката од еден милион и 800 илјади гласачи ако се земе предвид дека има 2 милиона и 400 илјади државјани. Од нив ако се одземат 590.000 што се под 18 години, бројката на гласачи е таа.
Скептичен дека нема да стасаат да го прочистат Избирачкиот список бил Бедредин Ибраими од ДПА, а со ова се согласила и Виолета Дума од СДСМ. Наспроти ова, Сашо Срцев и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ сметале дека може да се стаса.
Европратениците се интересирале и за разрешувањето на Дума и за оспорувањето на функцијата на Бонева, на што Чичаковски им одговорил дека разрешувањето веќе е во собраниска процедура, а за Бонева рекол дека е политичко. Ниту Ибраими ниту Јакупи не се пожалиле за генералниот секретар на ДИK.
Прочитајте повеќе во „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.