Иако речиси еден месец е избран новиот состав на Државната изборна комисија, таа никако да почне со суштинската работа која е најважна за претстојните избори – прочистувањето на Избирачкиот список. Проблемот е во тоа што кај партиите од големата четворка никако да дојде на дневен ред усогласувањето за модалитетите за прочистувањето на Избирачкиот список, услов без кој ДИK и не може да се фати за работа. Иако Kомисијата им ги доставила правилниците за модалитетите за ажурирање на изборната листа уште пред Нова година, на партиите како да не им се брза.
Дополнително проблем е и тоа дека и за ова прашање ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА од една страна и СДСМ од друга, се на крајно спротивставени стојалишта. Партијата на Зоран Заев е упорна во ставот дека вкрстената проверка на базите на податоци на ДИK со тие на МВР, Статистика, МНР… може да следи само ако се спроведе и целосна теренска проверка на податоците на гласачите. Операција еднаква на спроведување попис, со таа разлика што на проверка ќе бидат податоците (личните карти и патните исправи) на гласачите наместо на сите граѓани.
Ако се знае дека проверката на податоците на сите гласачи од врата на врата бара не само пари, луѓе, обуки за тимовите што ќе ја спроведуваат проверката, туку и најважниот фактор – време, кое безмалку би одзело една година, тогаш нејасно е за кои избори опозицијата се подготвува. За тие напролет секако дека не, бидејќи до 24 април има неполни четири месеци, односно помалку ако се има предвид законската одредба дека ДИK треба Избирачкиот список да го стави на увид пред гласачите веднаш по распишувањето на изборите. ДИK допрва треба да набави софтвер кој ќе треба да го нахрани со податоци за да може да ги споредува со тие од институциите кои располагаат со такви податоци, за што ќе потроши можеби и повеќе од еден месец, па дури по ова да се впушти во операцијата прочистување на Избирачкиот список.
Дека нема време за проверка на гласачите од врата на врата тврди не власта, туку експерти кои се или биле дел од ДИK и така кажано занаетчиски си ја знаат работата. Впрочем ДИK веќе избриша од Избирачкиот список 127.000 гласачи и ниту една партија за ова немаше приговори. Тоа што за овие два-три месеци колку што остануваат до изборите ДИK може да го спроведе и во што партиите не би требало да имаат квака за сомневање е вкрстувањето на базите на податоци на сите институции кои располагаат со таков материјал. Теренска или проверка на гласачите од врата на врата да има таму каде што податоците на институциите не се совпаѓаат и евентуално на барање на некоја од партиите од големата четворка доколку имаат индиции или сомневања за точноста на одредени податоци на гласачи.
Во спротивно, ако се инсистира на попис на гласачите, тогаш однапред е јасно дека за тоа нема време. Нејасно е само дали СДСМ ќе го испочитува договорениот термин изборите да се одржат на 24 април, датум за кој потпис стави и нивниот лидер Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Симовски: Не е исклучено во пописот да биде вклучена и етничката припадност
-
„Катимерини“: Три сценарија за парламентарните избори во Грција
-
На пописот во 2020 нема да има листови хартија, само лаптопи
-
Пробен попис во четири општини во 2019: Жителите нема да се изјаснуваат за етничката и верска припадност