Општина Гостивар е една од четирите општини во Македонија, во која ќе се спроведе пробен попис во април 2019, година дена пред спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2020.
Освен во гостиварската, пробен попис ќе има во општините Зелениково, Кисела Вода и во Свети Николе, а со него ќе бидат опфатени вкупно 3.500 домаќинства. Државниот завод за статистика, во нацрт верзијата на законот за попис предлага во пописот да нема прашања за етничка и верска припадност, туку само прашање за мајчиниот јазик.
– Во согласност со Меѓународните препораки за спроведување на пописите околу 2020 година на Обединетите нации и Евростат, белезите за етно–културните карактеристики како што се етничката и верската припадност не се задолжителни белези. Во Нацрт – верзијата на Законот за попис од сетот на белези за етно–културните карактеристики, се предлага да се прибира само податокот за мајчин јазик – објави Gostivarpress.mk.
Попишувачите ќе поминат обука и податоците ќе ги прибираат на лап топ, а не со прашалник на хартија, како претходно. Според ДЗС, за пробниот попис планирани се 250 000 евра од ИПА фондовите. Се очекува нацрт верзијата на Законот за попис да помине на Влада до крајот на годинава, а на почетокот од следната Собранието да го донесе Законот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.