Собраниска анкетна комисија за фалсификуваните лични карти ќе се формира идната недела бидејки членовите на собраниската комисија за прашања за изборите и именувања го одложи изборот за претседател и членови на комисија. Претседавачот на матичната комисија Трајче Димков истакна дека одложувањето е направено поради оставање на простор за пратеничките групи да предложат свои кандидати за членови.
Претходно повеќе од еден час, во комисијата се расправаше процедурално за предлогот на СДСМ точката за формирање на оваа, како што ја нарекоа „контра комисија“ да биде тргната од дневен ред. Иницијативата за формирање на ваква комисија за „Фабрика за афери“ беше поднесена и поддржана од 62 пратеника од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и од ДПА
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, образложувајќи ја иницијативата за поднесување на оваа предлог-одлука минатата недела рече дека од јавното обвинителство има потврда дека на едно место се пронајдени списоци со 120 илјади украдени идентитети на граѓани, огромен број фалсификувани лични карти, огромен број фалсификувани пасоши, не само од Република Македонија, туку и од Бугарија и од Турција, што на овој скандал му дава и меѓународен карактер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.