Во Општина Ародром ќе се гради нова градинка која ќе може да прими 250 деца од предучилишна возраст. Општината објави тендер за изградба на градинката која ќе биде во склоп на клонот „Чекорче“ на градинката „Срничка“, во близина на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во населбата Јане Сандански.
Тендерот е објавен деновиве, а изградбата се очекува да почне идниот месец. Објектот ќе зафаќа 1.700 метри квадратни, ќе има девет занимални и ќе биде опремен со креветчиња, масички, столчиња, плакари, надгледни средства и играчки.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека во изминатите три години се отворени 35 градинки и дека тие се меѓу најголемите приоритети на МТСП. Во однос на Општина Аеродром потсети дека во 2013 Министерството инвестирало во изградба на градинката „Сонце“ во Реонски центар Аеродром со капацитет за 180 деца, а пред неколку дена почна изградба на градинка во Горно Лисиче.
– Ова е трета градинка во која ќе има згрижено над 250 деца и со тоа во голема мерка ќе им се помогне на родителите да ги извршуваат своите дневни обврски, да имаат место каде што ќе ги згрижат своите деца. Напоредно со оваа инвестиција, МТСП во плановите за 2016 година има разработено акциски план за изградба на повеќе градинки во Скопје, со оглед на потребите на родителите и со оглед на фактот дека најмногу има потреба да се инвестира во главниот град. Веќе се работи на изградба на два објекта во општина Ѓорче Петров, почнаа инвестиции во општините Кисела Вода и Бутел. Се планира во 2016 да почне изградба на две градинки во општина Карпош, уште една градинка во Гази Баба и во Ѓорче Петров, и да се продолжи со инвестициите во општините ширум Македонија, изјави Спасов.
Додаде дека на почетокот на февруари ќе има јавен повик за поттикнување на приватни инвеститори за отворање приватни градинки, со што ќе почне примената на новата мерка – грант од 10.000 евра за отворена приватна градинка, со минимум четворица вработени и капацитет за 40 деца. Очекува дека со таа мерка оваа година бројот на приватни градинки од 25 ќе се зголеми на 35, односно ќе се добие дополнителен капацитет за згрижување на околу 500 деца.
Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски очекува новата градинка во општината да биде готова за шест месеци од почетокот на изградбата.
– Тендерот треба да заврши во февруари и на средината на февруари да се отпочне со изградба. Ова ќе биде трета градинка во последните три години што ја гради Општина Аеродром во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Ќе се гради со буџетот на Општината за 2016 година. Очекувам со исто темпо да продолжиме и во 2017 година во поглед на реализација на вакви проекти, на задоволство на жителите на Аеродром и на градот Скопје, изјави Коневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.