Голем број православни верници денеска беа дел од празничната богослужба во Манaстирот „Свети Наум“, објави „Охридњуз“. Верниците палеа свеќи за здравје и се поклонуваа пред моштите на Св. Наум, за кој се верува дека има чудотворна моќ.
Дел од верниците до Св. Наум пристигнаа со бродовите „Александрија“, кои по повод празникот до светилиштето пловеа по симболична цена, но голем број верници беа дојдени со сопствен превоз.
Св Наум е ученик на славните светители Кирил и Методи. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум заедно со Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.
Св. Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охрдското Езеро кој сам го изградил.Таму тој ја развивал својата просветителска дејност. Освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе претежно душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од неговите чуда се претставени и на фреските од неговиот манастир како таа на која е претставен Св. Наум кој ги впрегнал заедно волот и мечката да ораат. Св. Наум се упокоил во 910 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.