| четврток, 6 декември 2018 |

Томпсон и Кари со идентичен учинок, нов трипл-дабл за Грин (видео)

klej tompson

Синоќа во НБА лигата беа на програмата десет натпревари. Вечерта ја одбележаа Дејмонд Грин со нов трипл-дабл, трет во низа, одличниот Казинс и фантастичното дуо на Голден стејт, Кари и Томпсон.
Голден стејт стигна до нова победа, над Шарлот со 111-101, предводен од Томпсон и Кари кои имаа по 30 постигнати поени. Ламб беше најдобриот играч кај гостите со 22 поени. Вориорс сега имаат ефект од 32 победи и два порази.

Сепак, ефектот на двајцата падна во сенка поради Дрејмонд Грин кој трет натпревар по ред оствари трипл-дабл, сега со 13 поени, 15 скока и десет асистенции. Тој е втор кошаркар во историјата на Голден Стејт кој успеал на три натпревари во низа да заврши со трипл-дабл по Том Гола во сезоната 1959/60. Последен, пак, воопшто, во НБА кому му тргнало вакво нешто од рака е Расел Вестбрук со четири трипл-дабл ефекти од минатата година.

Оклахома ги разочара своите навивачи, па на свој паркет загуби со 104-116 од Сакраменто. Казинс со 33 поени и 19 скока беше кобен за Оклахома, а Ибака беше најефикасен кај домашните со 25 поени и седум скока.

Мајами по продолжение, со 103-100, славеше против Индијана. Крис Бош со 31 поен и 11 скока, како и Двејн Вејд со 27 поени го водеа Мајами до победа, додека Пол Џорџ на спротивната страна уфрли 32 поени, дополнети и со седум скока.

Расположени беа синоќа и кошаркарите на Кливленд, па со 122-110 го надираа Торонто. Ирвинг со 25 поени и Џеј Ар Смит со 24 поени го водеа Кливленд до победата, додека Лоури со 23 поени и 10 асистенции беше најдобар кај Торонто.

НБА резултати: Голден стејт – Шарлот 111-101, Портланд – Мемфис 78-91, Јута – Хјустон 91-93, Мајами – Индијана 103-100 (пр.), Бруклин – Бостон 94-103, Детроит – Орландо 115-89, Милвоки – Сан Антонио 98-123, Оклахома – Сакраменто 104-116, Кливленд – Торонто 122-100, Филаделфија – Минесота 109-99.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top