| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена „Сеќавање на љубовта“ од Амината Форна – добитничка на наградата „Писателски Комонвелт“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави книгата „Сеќавање на љубовта“ од Амината Форна. Весникот „Њујорк тајмс“ го оцени овој роман како „просветлувачка приказна за страста и за предавството“. Истиот во 2011 година ја доби наградата „Писателски Комонвелт“ за најдобра книга. Преводот на македонски е на Калина Јанева.

2f1c9d4e-51fd-41fc-8847-9f28926bd64d

Едријан Локхарт е психолог што бега од својот живот во Англија и доаѓа во Сиера Леоне, каде што почнува граѓанска војна. Тука мора да се бори со жештината, со нечистотијата, со правта, како и со тајните што ги крие оваа загадочна земја.

„Сеќавање на љубовта“ е впечатлива книга за обичните луѓе во невообичаени околности, врвно реализирана и убаво напишана, стравотна и пријатна, непоколеблива и нежна, трогателна и инспиративна. Тоа е книга за четири животи што се преплетуваат; книга за пријателството, разбирањето, простувањето и за неизбришливите ефекти на минатото; за патувањата, соништата, загубата и за самата природа на љубовта. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Амината Форна (родена 1964) е британска писателка. Татко ѝ потекнувал од Сиера Леоне, а мајка ѝ е Шкотланѓанка. Студирала право. Досега објавила три романи. Десет години работела за „Би-би-си“, како новинарка и како авторка на документарци од областа на уметноста и на политиката. Членка е на Одборот на Кралскиот национален театар и на жирито на меѓународната Букерова награда во 2013 година. Предава креативно пишување.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top