| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонија ќе успее преку успехот во инвестициите“; Заврши Македонската лидерска конференција во САД

umdЗаврши Македонската лидерска конференција која што во Вашингтон го собра водечки претставници на македонската заедница во САД и Канада. Како гостин на конференцијата се обрати митрополит Методиј од Американско- канадската епархија, кој по средбите со членови на американскиот Конгрес и функционери на Стејт департментот сподели дека повторно е разговарано за признавањето на МПЦ.

– Повторно дојдовме до заклучокот дека прашањето за признавањето на македонската црква е поврзано со прашањето на името на државата. Во САД се добро запознаени со историјата на тој проблем. Тоа се клучни и за нас многу важни прашања, прашањето на признавањето на македонската православна црква и особено нејзина егзистенција како призната црква тука меѓу религиозните организации во САД, и се разбира и на стариот континент, изјави митрополит Методиј.

Митрополитот Методи се сретна со Конгресменот Паскрел

Митрополитот Методи се сретна со Конгресменот Паскрел

Митрополитот Методи се сретна со Конгресменката Милер

Митрополитот Методи се сретна со Конгресменката Милер

 

Тој ги најави плановите за отворање на нови црковни општини во Вашингтон, Сан Диего и во Бостон, како и за градење на нов манастир во Краун Поинт во Индијана, покрај постоечките два во Њу Џерси и Торонто. Се планира организирање на детски градинки во рамките на црквите, како и младински кампови и женски групи.

Македонскиот амбасадор во САД пред присутните се осврна на економската соработка но и на поголемите очекувања дома од американската дијаспора.

– Пред 20 години веројатно во македонската дијаспора гледавме само извор на финансиски приходи, со очекувањата дека ќе испраќате пари на вашите роднини или ќе доаѓате да градите куќи во Македонија, и така очекувавме да и помагате на Македонија. Но, во ова време, најважно е знаењето кое го поседувате и вашата работна етика. Вие сте образувани тука, имате огромни ресурси на знаење и за нас во Македонија, вашето знаење, работна етика, контактите со компаниите, универзитетите, се најголемите вредности кои може да ги искористиме, изјави амбасадорот Јолевски.

Амбасадорот истакна дека придонесот на дијаспората кон економијата на Македонија се проценува на околу милијарда долари годишно. Јолевски ги претстави и можностите за инвестирање во Македонија, како и слободните трговски зони.

-Без сомнеж, Република Македонија ќе успее преку успехот во инвестициите. Една од главните цели не е само работата на спорот за името со Грција, туку и носењето инвестиции во Македонија. Мислам дека успеваме да го промовираме ова во македонските заедници за да поттикнеме инвестиции во земјата и отворање на работни места, изјави Џорџ Питерс, корпоративен правник од Детроит.

Меѓу поголемите македонски организации присутни на конференцијата, покрај ОМД, беа Обединетите Македонци од Детроит и Македонската православна филантропска заедница од Колумбус во сојузната држава Охајо.

Претставници на Американскиот еврејски комитет, како и на заедницата на Турците во САД имаа предавања на кои споделија искуства и совети за како подобро активистите на македонската дијаспора во Вашингтон да можат да ги градат своите контакти со американските власти. Македонските здруженија организираа и прием во амбасадата на Македонија во Вашингтон, каде се собираше парична помош за деловите на Струмичко неодамна погодени од поплави.

Следната конференција на македонската дијаспора е предвидена во јули во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top