| четврток, 6 декември 2018 |

Лазаров: Поголемиот број интернационалци го зголемуваат квалитетот на репрезентацијата

Qatar 2015 M6 MKD vs TUN

Капитенот Кире Лазаров и на претстојниот европски шампионат ќе биде предводник на нашиот национален тим, во обид да се оствари што подобар пласман. Асот на Барселона го поздравува фактот дека сè повеќе наши репрезентативци настапуваат надвор од Македонија, за што верува дека ќе придонесе да се подобри и квалитетот во националниот тим.

– Почнуваме со овие подготовки, не би рекол дека ова е авантура, туку еден предизвик на кој мораме да му пристапиме максимално сериозно. Тоа што е очигледно е дека имаме повеќе интернационалци во однос на претходните години, што само по себе значи и поголем квалитет, со оглед на сериозноста на работата во новите средини бидејќи голем дел од нив настапуваат во навистина сериозни лиги. Од друга страна, поради згуснатиот распоред во тие лиги не бевме во можност комплетни да стартуваме со подготовките, но, во секој случај, има доволно време за да одработиме квалитетно и добро да се подготвиме за тоа што ќе нè очекува во Полска – истакнува Лазаров.

Македонската репрезентација во меѓувреме ќе одигра и четири контролни натпревари, по две со селекциите на Словенија и на Црна Гора, како генерална проба пред настапот на ЕП во Полска.

– Контролните натпревари секогаш служат за темпирање на формата, за согледување на недостатоците и нивно отстранување пред големите натпреварувања. Резултатот не треба да биде приоритет, но од друга страна треба да настојуваме да забележиме што повеќе триумфи, за создавање на тој победнички дух во тимот непосредно пред ЕП во Полска. Групата е исклучително тешка, противниците сериозни, но како капитен на оваа репрезентација можам да кажам дека ние на секој натпревар ќе го даваме максимумот – порачува Кире Лазаров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top