Спиро Ристовски, министерот за труд и социјална политика апелира до жените да пријават случаи на дискриминација, кога на интервју за работа работодавачот ги прашува дали планираат да раѓаат деца.
– Сите работници жени кои биле дискриминирани од работодавачи по основ на бременост, раѓање и родителство случаите да ги пријават на телефонските броеви 15 131 и 15 505 или со пријава до Државниот инспекторат за труд со цел државата да може успешно да се бори против оваа појава – апелира министерот.

Ристовски нагласи дека поради честите случаи на овој тип дискриминација, од кои зависи и добивањето работно место за жените, ќе почне и реализација на кампања за подигнување на јавната свест за овој проблем.
Доколку работничките не се охрабрат да ги пријават случаите, додаде тој, неможна е борбата против ваквиот вид на дискриминација и покрај законските измени кои се донесени.
– Забранивме работодавачите при вработувањето да бараат од кандидатите тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со жена, без оглед на видот на работното место. Воведовме обврска доколку работата за која се бара работникот предизвикува значителен ризик за здравјето на мајката и детето, работодавачот е должен претходно да ја извести работничката за опасностите коишто произлегуваат од работата на работното место и да ги преземе сите мерки на заштита согласно со прописите за безбедност и здравје при работа – истакна Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


