| четврток, 6 декември 2018 |

Ока Николов се сели преку „барата“, ќе биде помошник тренер во Филаделфија Јунион

oka nikolov

Поранешниот македонски голман Ока Николов кој има функција во стручниот штаб на селекторот Ангеловски во македонската фудбалска репрезентација, од вчера е член на стручниот штаб на Филаделфија Јунион која се натпреварува во МЛС-лигата.
Тој ќе биде помошник на главниот тренер Џим Картин со посебен акцент на тренирање на голманите во екипата.

– Кариерата на Ока Николов сама по себе зборува за неговите способности да менторира младите голмани во нашиот тим. Со оглед на богатото минато и неговата поврзаност со клубот и навивачите, знаеме дека може да направи разлика во нашиот тим. Воодушевени сме што го имаме со нас – изјави спортскиот директор на Филаделфија Јунион, Ерни Стјуарт.

Николов помина 22 години во тимот на Ајнтрахт Франкфурт, а пред крајот на кариерата, во 2013 година една сезона беше член на Филаделфија Јунион како активен играч. Во Бундеслигата забележа 370 натпревари и уште го држи рекордот со 14 одбрани на еден меч и тоа во дуелот со Баерн Минхен. Кариерата ја заврши минатата година во тимот на Форт Лодердејл Страјкерс, во Северноамериканската фудбалска лига.

По пензионирањето, Николов стана член стручниот штаб на македонската репрезентација, функција која би требало да ја задржи и во иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top