Детаљна база на податоци за 120 илјади граѓани била пронајдена во фабриката за афери, каде што Захир Бекири – Чауш, неговиот брат и Аднан Сума се осомничени за фалсификување лични карти по пријава на опозициски неделник. Ова е новото скандалозно откритие во истрагата за овој случај за тоа што с` имало во т.н. фабрика за афери, во која осомничените се покажа дека се членови или поврзани со СДСМ, но и во близок и личен контакт со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и партискиот секретар (сега министер за внатрешни работи) Оливер Спасовски, пишува Дневник.
Според изворите на весникот од истрагата, за секој од 120.000 лица од базата на Чауш и неговата банда покрај име и презиме, имало и адреси на луѓето, телефонски броеви и нивен матичен број. Матичниот број, според законските прописи, е личен податок кој е заштитен и до него податоци имаат само овластени лица. Според нашите сознанија, најголем дел од телефонските броеви, пак, биле од мрежата на „Телеком“. Не е исклучено, како што велат изворите, истрагата да се прошири и во оваа насока. Особено ќе се проверува дали имало некаква злоупотреба во базата на телефонските оператори и на „Телеком“ од сегашни и поранешни вработени. Ова уште повеќе затоа што, како што веќе е познато, кај осомничените се пронајдени десетици илјади снимки со разговори на политичари и граѓани. Базата на податоци за 120.000 граѓани е последно сознание во низата за тоа што сѐ е пронајдено во становите на осомничените од саботата наваму. Првично, Јавното обвинителство излезе со информација дека кај осомничените се пронајдени лажни лични карти, фолии за пластифицирање, пластични обрасци и машини за изработка на лични документи на две локации во Скопје. Од тогаш излегуваат и нови детали од страгата, кои завчера беа и потврдени од Обвинителството.
Освен обрасци за фалсификување лични документи, како што објавивме, во становите на осомничените биле пронајдени и фалсификувани патни исправи, и тоа бугарски пасоши во кои биле вметнати имиња на македонски функционери, како и обрасци за повлекување пари од швајцарски банки, дел од нив бланко, но на дел од нив и со поголеми суми или со вметнати имиња на функционери.
Вчера, ТВ „Алфа“ објави дека бил фалсификуван бугарски пасош со име на Мартин Протоѓер на кого требало да му се залепи пробугарска етикета и сметка на 50 милиони евра на име на Сашо Мијалков. Пронајдена е комуникација на осомничените со македонски новинар во Србија кој требало овие документи да ги пласира како вистинити и како афери за владејачката структура. Во јавноста, пак, излегоа и заеднички фотографии на Заев и Спасовски со осомничените. И двајцата политичари не негираа дека контактирале со осомничените, туку бараат целата истрага да заврши. Она што е уште поинтересно, во компјутерот на осомничените беа пронајдени и 70 илјади снимки од прислушувани разговори во фолдер креиран во септември годинава, а кој бил со наслов „СДСМ-Заев“. Нашите информации од истрагата велат дека се работело најмногу за разговори меѓу функционери на ДУИ и дека тие требало да бидат продадени на командант на УЧK од Kосово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.