Оградата поставена на границата на Словенија кон Хрватска ќе остане, бидејќи постои опасност од нов многу поголем бран на имигранти во текот на следната пролет, изјави денеска словенечкиот премиер Миро Церар.
Во интервју за Словенечкото радио Церар вели дека одлуката на наговата Влада за поставување ограда на границата била оправдана, поради преголемиот прилив на бегалци по балканската рута, но и поради „премалата кооперативност“ на Хрватска за намалување на дневните приливи на имигранти.
– Се уште дневно ни доаѓаат по три до пет илјади бегалци, а тоа се огромни бројки. Покрај ова, на границите на Европа чекаат уште милиони нови (имигранти) кои сакаат да појдат кон Европа. Тоа не е никаков блеф, туку реална проценка, истакна Церар.
Тој вели дека ваквите проценки ги прави врз основа на податоците на некои разузнавачки служби, но и од сознанијата што ги добил при разговорот со турскиот премиер Ахмет Давутоглу при нивната неидамнешна средба во Брисел пред Самитот на ЕУ посветен на бегалската криза.
Според Церар, следната пролет преку балканската рута кон Европа би можеле да се упатат милиони бегалци од камповите во Турција.
– Не станува збор само за бегалци од подрачјата зафатени со воени конфликти како Сирија, Авганистан и Ирак, туку и од Африка од каде доаѓаат економски имигранти, а не бегалци, додава Церар.
Тој вели дека во бегалските кампови во Турција пристигнуваат се поголем број имигранти од северна Африка, пред се од Мароко и Алжир, кои сакаат да заминат во Европа, бегајќи не само од диктаторските режими, туку и од гладта и сиромаштијата предизвикани од климатските промени.
– Станува збор за сосема нов вид имигранти, кои се разликуваат од оние што пристигнуваат сега, додава Церар во интервјуто.
Поради сите овие причини, според Церар, неопходно е оградата на словенечката граница кон Хрватска да остане и во наредниот период, додека не се види како ќе функционира договорот меѓу ЕУ и Турција за намалување на бегалскиот прилив и за зајакнување на конторлата на надворешните граници на Унијата,
– Доколку Европската унија не го запре тој прилив, Хрватска би можела овие имигранти да почне повторно неконтролирано, диспрезивно и без договор со Љубљана да ги носи на словенечката граница, па во Словенија би можеле да останат десетици илјади бегалци, што би предизвикало хуманитрана катастрофа, потенцира Церар во интервјуто за Словенечкото радио.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.