| четврток, 6 декември 2018 |

Сара Ристовска: Мислевме дека ќе бидеме поразголени

Деветнаесетгодишната Сара Ристовска од подмладокот на ЖРК Вардар, е дел од ракометарките кои го красат календарот на „Пелистерка“ за 2016 година.

Мис јуни вели дека по минатогодишниот календар, мислеле дека ќе бидат поразголени, но дека на крај целиот проект излегол одличен и со многу вкус.

Покрај неа во календарот се и Андреа Лекиќ, Татјана Хмирова, Амандин Лејно, Сираба Дембеле, Андреа Пенезиќ, Ања Алтхаус и други ракометни имиња од женскиот тим.

Со денешната промоција на шестиот по ред календар, „Пелистерка“ ја почнува својата нова кампања под мотото: Во совршена форма.

Темата на годинашниот календар ги спојува водата, спортот и модата, а ракометарките на „Вардар“ извонредно ја претставуваат таа заедничка совршена форма. Девојките, кои на терен сме навикнати да ги гледаме во многу поинакво, спортско издание, за потребите на календарот покажаа дека спортот и модната елеганција можат да бидат совршена комбинација.

Снимањето на календарот се одвиваше на познат терен за ракометарките, во нивниот матичен спортски центар „Јане Сандански“. На теренот каде што секојдневно тренираат и победуваат, девојките го покажаа својот сексапил пред објективите на фотографскиот тандем Ани и Дими. Продуцент на календарот е Тања Панделеска, маркетинг-директорка на „Пелистерка“, извршен продуцент е Света Богова-Јовановска од „Фешн викенд Скопје“, а графичкиот дизајн е на Анита Гај. За шминката и фризурата на девојките се погрижи Зоран Шурбевски, стилист е Јована Зука, додека модниот дизајн е на Јована Филиповиќ.

Изминатите години страниците на календарот на „Пелистерка“ ги красеа дел од најголемите ѕвезди од Македонија, како што се Каролина Гочева, Елена Ристеска, Тамара, Аделина Тахири, Маријана Станојковска, Викторија Лоба. Годинава за првпат на календарот се појавуваат девојки од странство, со оглед на тоа што речиси целиот тим на „Вардар“ е составен од интернационалки. Во редовите на македонскиот шампион има Русинки, Србинки, Црногорки, Французинки, Хрватки, Словенки и две Македонки.

Целиот календар погледнете го тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top