Екосистемот на сливот на река Струмица има клучна улога во одржувањето на социо-економската стабилност и квалитетот на живот на околу 125,000 жители од регионот. Тој обезбедува вода за населението и земјоделството и овозможува остварување на приходи за поголемиот дел од населението.
Во изминативе две децении урбанизацијата доведе до поинтензивно земјоделство и индустриски развој. Неодржливите земјоделски практики како што се неконтролираната употреба на ѓубрива и пестициди и неефикасно наводнување на земјоделските култури, негативно влијаат врз квалитетот на водите.
Се очекува и дека климатските промени да доведат до пораст на температурите и екстремните временски услови, со што поплавите и сушите ќе станат уште поголема закана за регионот.
-Време е да се делува сега за да се намали ризикот од поплавите и загадувањето, за целиот овој регион да стане поотпорен на заканите од климатските промени. Благодарение на финансиската поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, ние го почнавме проектот за обновување на сливот на реката Струмица – изјави постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон.
Со овој проект, кој се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со општините Радовиш, Конче, Струмица, Ново Село, Василево и Босилово, се поддржуваат првите напори на Македонија да ги воведе принципите на Европската Унија за интегрирано управување со ризикот од поплави.
Проектот ќе работи со локалните власти на јакнење на капацитетите за воведување на принципите на интегрално спречување и контрола на загадувањето од индустријата, како и на воведување на најмодерните принципи, технологии и инфраструктура за управување со речниот слив.
Во рамките на проектот веќе отпочна програмата за воведување на агроеколошки мерки во земјоделското производство. По спроведување на програмата на обуки, ќе бидат избрани пилот фарми чиишто сопственици ќе бидат поддржани да спроведуваат модерни земјоделски практики. На тој начин тие ќе послужат како модел за тоа како преку контрола на употребата на агрохемикалии и вода за наводнување, може да се постигне поголем и поквалитетен принос и подобра заштита на средината.
Заедно со општините и комуналните претпријатија од регионот се разгледуваат можни решенија за управување со отпадните води во сливното подрачје. Анализите ќе покажат каде треба да се насочат идните инвестиции со цел намалување на притисоците од отпадните води врз животната средина на исплатлив начин.
Отпочна и спроведувањето на приоритетни мерки за намалување на ризикот од поплави. Моментално, во рамките на проектот, се работи на чистење на приоритетни делници на речните корита и каналската мрежа, како и рехабилитација на оштетените насипи со кои ќе се обезбеди ефикасна заштита на земјоделските површини од идните поплави.
Во наредниот период сите овие мерки дополнително ќе се интензивираат, подобрувајќи го постепено управувањето со водите и нивната заштита.
-Нашата цел е да се заштити локалното населенио од поплави, да се заштити локалниот биодиверзитет, флората и фауната од загадување, но исто така, да се обезбеди просперитет за илјадниците земјоделски семејства чиишто животи и живеалишта зависат од водите на сливот – вели Луиза Винтон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)