| четврток, 6 декември 2018 |

Донирани виолини во Државното музичко училиште во Битола

Лајонс клубот „Битола“ донираше девет нови виолини за учениците од Државното музичко училиште во Битола.

Претседателот на „Лајонс клубот“ Веле Стефановски рече дека средствата за донацијата се обезбедени на неодамнешниот хуманитарен „Црно-бел бал“, кој се организира по деветти пат.

– Донацијата од девет виолини ја доделуваме на државното музичко училиште, едно од најстарите музички училишта во Македонија. Во ова училиште се образувале многу кадри, кои дале посебен придонес во развојот на музичката култура во државата, но и надвор од неа. Верувам дека оваа донација ќе им овозможи на многу млади да продолжат да ја шират музичката култура во Македонија и надвор од нејзините граници – истакна Стефановски.

Деветте виолини се со различен формат и можности и ќе ги користат ученици од различни генерации, потврдија од Државното музичко училиште во Битола.

– Благодариме за донацијата. Нам секогаш ни недостигаат музички инструменти бидејќи стареат, се менуваат и треба да се обновуваат. Оваа донација доаѓа во вистински момент и во вистински раце и ќе го зголеми фондот на најразлични виолини, кои ги користат сите генерации – истакна директорот на државното музичко училиште во Битола, Василчо Пецаковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top