Друштвото за издавачка дејност Македоника литера неодамна објави нов број на списанието „Македоника“.
Во бројот 13 се публикувани повеќе текстови тематски поврзани со Македонија.
Стожерен текст во овој број е студијата на Ранко Младеноски „Суштинските дилеми за историјата и културата на античка Македонија“, во којашто пишува за многуте отворени прашања поврзани со историјата на античка Македонија кои долго време се тема за полемизирање меѓу историчарите. Основните проблемски прашања за кои се полемизира се, пред сè, етничката припадност на античките Македонци, припадноста или неприпадноста на античките Македонци кон хеленскиот свет, карактерот на походот на Александар III Македонски во Азија (дали тој поход е македонски или хеленски), посебноста на античката македонска култура, јазикот и „писмото“ на античките Македонци, чиј е Александар Македонски (на денешните Македонци или, пак, на денешните Грци), односно кој е денешен наследник (автентичен) на античките Македонци и слично.
Младеноски, кој докторираше на тема за ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност, во оваа своја студија изнесува мошне смели сознанија и тези, со кои аргументирано оспорува некои сознанија, тези и востановена терминологија на досегашната македонска историографија за овој период.
Меѓу другото, во овој број на „Македоника“ е објавен текстот на Драган Зајковски за христијанските маченици во Македонија од времето на императорите Диоклетијан и Галериј, а Драган Ѓалевски пишува за улогата и влијанието на христијанството во обликувањето на византиското војување.
Зоран Спасовски пишува за денешниот директен наследник на латинскиот јазик во контекстот на историјата на јазиците на балканските простори, Владимир Јанев за ционистичкото движење во Македонија (1899-1912), додека пак Александар Симоновски ја отвора темата за српското четничко движење во Македонија во Втората светска војна, односно за судењето и егзекуцијата на Миливој Трбиќ.
Марјан Иваноски и овојпат изнесува нови сознанија за најпознатиот македонски дисидент Драган Богдановски, осврнувајќи се на некои негови активности во затворот „Идризово“ (1979- 1987). Волф Ошлис, кој од овој број е главен уредник на „Македоника“, пишува за еден стар, досега кај нас непознат германски роман, тематски посветен на Македонија – „Љубов во Скопје.
Стефан Влахов Мицов пишува за книгата на Васил Тоциновски посветена на познати македонски емигранти интелектуалци кои живееле во варна – „Варна на мојата младост“.
И во овој број се објавени библиографски информации за повеќе нови изданија поврзани со македонската култура и историја, а е објавен посебен библиографски прилог (за книги статии и географски карти) на Соња Стрезоска – Велјаноска за странските автори кои пишувале за Македонија во периодот од 1940 до 1945 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.