| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот број на списанието „Стожер’ посветено на лауреатите на ДПМ

Списанието „Стожер“ во својот најнов број (124) донесува книжевни прилози од и за лауреатите на Друштвото на писателите на Македонија, добитници на наградите што македонската писателска асоцијација ги додели во текот на оваа година.

На уводните страници претставени се Гордана Михаилова Бошнакоска, добитничка на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга, Лилјана Пандева (награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга), Кристина Николовска (награда „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики) и Александар Поповски (награда „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца).

Во посебен оддел објавени се есеи од Борче Панов и Али Алиу за творештвото на добитниците на наградата „Книжевно жезло“, поетите Стојан Тарапуза и Еќрем Баша.

„Стожер“ донесува поезија од Василе Димески, лауреат на наградата „Державин“, и од Бистрица Миркуловска, добитничка на наградата „Даница Ручигај“, како и песна од Христо Петрески, под наслов „Липа липата“,   прогласена за најдобро остварување на манифестацијата „Празник на липите“.

На страниците на списанието „Стожер“, (достапно на интернет страницата www.dpm-pisateli.mk) објавени се и низа други прозни, поетски и  критичко-есеистички прилози, меѓу кои „Беседа за Рацин“ од Мишел Павловски, „Поетичките начела и личниот опит на Блаже Конески“ од Катица Ќулавкова, „Блаже Конески за ликот на Св. Климент Охридски“ од Људмил Спасов, како и книжевниот документ: Блаже Конески за романот „Пеперуга со натопени крила“ од Драгица Најческа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top