| четврток, 6 декември 2018 |

Супхи Јакупи: ДИК не е место за патриотизам

dik

Во крајно тензична атмосфера денеска продолжи расправата во ДИК за приговорите за гласањето во Стуга во вториот круг на локалните избори откако доцна синоќа беше одлучено да има прегласување на две избирачки места, пренесува репортерот на „Плусинфо“.

Членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, побара да се врати расправата за двете избирачки места во Струга.

– Синоќа ДИК за избирачките места 1860 и 1877 донесе две противзаконски одлуки. Барам по службена должност да се разгледаат приговорите бидејќи синоќа овде имаше етничка оделба и гласање по етничка линија, само за да се докаже и да се покаже манифестација на патриотизам – реагираше Ибраими.

Процедуралните забелешки по двата приговора за Струга кои доцна синоќа на расправата во ДИК беа прифатени од членовите на ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, сериозно ја вжештија атмосферата во салата, а не изостана ниту реакцијата од Супхи Јакупи, потпретседател на ДИК од ДУИ.

– Сите од ДИК сме избрани затоа што сме истакнати правници и ние сме обврзани по Устав и по закон да одлучуваме така. Овде не треба да размисуваме како земјоделци, како актери, туку како правници. Вие Стефановски, Сајовски, Срцев, Кондарко и Дума не сте овде да искажувате патриотизам, туку да носите одлуки во согласност со правото и законите. Јас по службена дожност ќе побарам да се донесат сите гласачки кутии од Струга и сите гласови да се пребројат, па да видиме каква била волјата на граѓаните. Сè додека  сум потпретседател, нема да дозволам анархија во ДИК – изјави Јакупи.

Синоќа биле прифатени приговори за избирачките места 1860 и 1877. Едниот приговор на ВМРО-ДПМНЕ се однесува за гласачко место во село Радолишта кога на овластениот претставник на ВМРО, вицепремиерот Владимир Пешевски, избирачкиот одбор не му дозволил да стави забелешки во записникот и бил избркан од гласачкото место.

Вториот приговор се однесува на тоа дека од 7 до 11 часот на второто избирачко место се гласало со црно пенкало иако законот предвидува гласање со сино пенкало. На овие две избирачки места има 1562 гласа, а вкупната разлика во гласови е околу 5.500, во прилог на кандидатот за градоначалник од ДПА, Зијадин Села.

Дофрлувањата и надвикувањата во салата ја прекинаа расправата и треба да се одлучи дали предлогот на Ибраими да се врати расправата за двете избирачки места пак ќе се стави на гласање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top