| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме сите инволвирани во случајот со фалсификуваните лични карти да одговараат пред судовите

ВМРО-ДПМНЕ им честита на Јавното Обвинителство и професионалците од полицијата и другите институции кои работеа напорно на расветлување на аферата со фалсификуваните лични карти, се вели во соопштението од партијата.

vmro

 

– ВМРО-ДПМНЕ изминатиов период, откако аферата беше објавена преку неделникот Фокус, близок до СДСМ, во повеќе наврати повикуваше истата да биде целосно расчистена, а одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше и остана кристално јасен. Виновниците мора да одговараат, а јавноста треба да знае дека постои правда и дека мора да се стави крај на сите манипулации, иако технички назначениот министер порачуваше дека не требало да се брза со истрагата. Доколку ваквиот став на Оливер Спасовски требаше да поттикне одолговлекување и забошотување на истрагата, намерата не успеа. Јавното Обвинителство го реши случајот, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Од владејачката партија посочуваат дека со оглед на фактот дека во повеќе медиуми излегоа разни информации околу поврзаност со најголемата опозициска партија, но истовремено дека постојат и други инкриминирачки материјали кои биле пресретнати со оваа акција, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува органите на прогонот да продолжат уште поревносно во натамошното истражување на случајот во кој очекуваме сите инволвирани да одговараат пред надлежните судови.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите општествени и политички актери да се однесуваат крајно одговорно и конструктивно и да не прават обиди за опструкција на истрагата на каков било начин. Вистината за овој случај мора да излезе на виделина.

ВМРО-ДПМНЕ очекува многу одговори во врска со овој случај и ги поздравува и поддржува професионалците во Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи.

ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница активно и одблиску да го следи овој случај, придонесувајќи со заложбите за владеење на правото и еднаквост на сите пред законот, принцип кој мора да важи за сите инволвирани во случајот.

–  Расчистувањето на овој случај е од највисок интерес за државата и сите треба одговорно и согласно Уставот и законите на оваа земја да придонесеме за тоа, нагласуваат од ВМРО – ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top