Преку проектот „Купи куќа за млади“, младите до 35 години можат да добијат до 33.000 евра субвенции – неповратни средства од Владата за купување, изградба или надградба на куќа. Примањата треба да бидат до 900 евра за поединец или вкупен приход на брачните другари до 1.300 евра. Најголем дел од популацијата во Македонија влегува во категоријата што може да се јави како баратели.
Младите можат да избираат еден од двата модела што им се на располагање – „Субвенција на месечната рата“ или „Субвенција на учеството“.
Преку првиот модел – „Субвенција на месечна рата“ Владата во тек на 11 години отплаќа дел од ратата за кредит за куќа и тоа првите 8 години 80 проценти од ратата (главнина и камата) и следните три години (9-та, 10-та и 11-та) 50 проценти од ратата. Пресметките покажуваат дека граѓаните кои ќе го искористат овој модел можат да добијат и до 33.000 евра неповратни средства за купување изградба или надградба на куќа.
Пример:
Субвенцијата за кредит од 50.000 евра изнесува 33.000 евра
Субвенцијата за кредит од 40.000 евра изнесува 28.000 евра
Субвенцијата за кредит од 30.000 евра изнесува 20.000 евра.
Каматната стапка за првите три години е 3,95 проценти, за четвртата и петтата 4,44 проценти, додека понатаму каматата ја утврдува банката, но не смее да биде повисока од другите станбени кредити, кои ги нуди.
За вториот модел „Субвенција за учество“, Владата субвенционира 100 отсто од учеството од кредит (до 25 проценти од земениот кредит) за купување на куќа. Средствата кои можат да се добијат преку овој модел се до 12.500 евра.
Пример:
Субвенција за учество за кредит од 50.000 евра изнесува 12.500 евра
Субвенција за учество за кредит од 40.000 евра изнесува 10.000 евра
Субвенција за учество за кредит од 30.000 евра изнесува 7.500 евра
Тоа што е особена поволност за овој модел, велат надлежните, е тоа што каматната стапка е фиксна за цело време на отплата, односно изнесува 4,5 отсто плус 6 месечен ЕУРИБОР.
За да се аплицира за проектот треба да се исполнат следните услови
– Поеднинецот кој аплицира или еден од брачните сопружници треба да има до 35 години
– Месечната плата за поединец треба да биде ПОМАЛА од 900 евра, додека за брачни другари ПОМАЛА од 1.300 евра
– Поединецот или брачната двојка не треба да има друга куќа или стан на свое име, или треба да се обврзат да го продадат за да аплицираат за проектот
– Рокот на отплата на станбениот кредит треба да биде од 20 години
– Апликантите треба да одговараат на критериумите за добивање станбен кредит пропишани од банката
Како да аплицирате за проектот „Купи куќа за млади“
Надлежните велат дека постапката за аплицирање за проектот е многу едноставна. Доколку граѓаните ги исполнуваат наведените услови, треба прво да најдат плац за изградба на куќа. Откако ќе најдат плац граѓаните треба да обезбедат изведбен и идеен проект – тука може да ги искористат поволностите кои ги нуди Министерството за транспорт и врски кои даваат бесплатен изведбен проект. Потоа треба да се обезбеди дозвола за градба од општината и да се склучи преддоговор со изведувач. По ова граѓаните треба да ги поднесат овие документи со барање за проектот до една од банките што учествуваат во проектот: НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе, Охридска банка, ТТК, Алфа и Прокредит банка.
Во случај на доградба или надградба на куќа, треба да се добие согласност од сопственикот на куќата што се надградува или доградува, а потоа постапката е иста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.