| четврток, 6 декември 2018 |

Во Битола одбележани 90 години од печатењето на првиот „Абецедар“

Македонското научно друштво од Битола  одржа научен собир и ја промовираше публикацијата „Абецедар“ чиј автор е Александар Литовски.

На собирот беше нагласено дека букварот „Абецедар“ бил отпечатен во 1925 година врз основа на битолско-леринското наречје, со специјално приспособена азбука од 29 букви и со нагласен фонетски правопис.

– Абецедарот бил издаден во Егејскиот дел на Македонија и претставува дело што означува клучна фаза во историјата на Македонците што живеат во Егејскиот дел, документ што го потврдува нивното постоење, самобитност и признавање на национално малцинство со посебен јазик. Горди сме што токму ние од МНД го одбележуваме јубилејот на ова капитално дело од пред 90 години за што издадовме соодветна публикација, посочи претседателот на друштвото Игор Неделковски.

Според авторот на публикацијата Литовски, значењето на „Абецедарот“ за афирмирање на македонската нација и македонскиот јазик како одделен словенски јазик на Балканот е од исклучително значење.

– Абецедарот бил учебник за македончињата од Егејскиот дел на Македонија и испечатен од грчкото Министерство за образование во 1925 година. Тој настан означува крупен чекор во развитокот на македонското национално прашање од едноставна причина бидејќи една државна институција за прв пат печатела буквар, учебник на македонски јазик со што по автоматизам го призна постоењето на македонското национално малцинство. Овој „Абецедар“ и денес треба да ни посочи дека треба да се движиме во насока на заедничка соработка без конфронтации. Инаку „Абецедарот“ бил реобјавен во 1985 година, а потоа од организацијата „Виножито“ и во 2008 година, истакна Литовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top