Да бараше „Република“ став од двата партиски центра, па да добиеше спротивставени одговори, работата ќе беше разбирлива. Но, во разговор со првиот технички министер за внатрешни работи да се добијат одговори на прашања, за веднаш потоа, во втор разговор, овој пат со заменикот, довчерашниот министер, да добие сосема спротивни , но целосни одговори, „истрагата“ води кон многу посуштински прашања за функционирањето на челникот на МВР.
– Сѐ уште вештачењето не е завршено до крај – одговори Спасовски, кој додаде дека за да знае до каде е вештачењето ќе мора да провери во Одделот за организиран криминал. На прашањето – констатацијата дека молкот трае предолго земајќи ги предвид посочувањата од стручњаците дека случајот може да се разјасни за најмногу неколку дена, Спасовски одговори отсечно:
– Како што се добиваат резултатите, така ќе ги објавуваме – вели за „Република“ техничкиот министер и генерален секретар во СДСМ.
Кусо интервју со Спасовски
Република: Колку се точни објавените информации дека вештачењето е завршено и дека таканаречените фалсификувани лични карти не се пуштени во промет?
Спасовски: Вештачењето сѐ уште не е завршено до крај.Република: До каде е?
Спасовски: Тоа мора да се провери, да го добиеме извештајот од Одделот за организиран криминал за да видиме што- како.Република: Вие го најавите како приоритетен, но долго трае молкот.
Спасовски: Како се добиваат резултатите, така ќе ги објавуваме.Република: Стручњаци и ваши колеги посочуваат дека тоа се расчистува многу бргу, за еден ден.
Спасовски: Тоа испитување трае затоа што тоа не е мала акција како што мислиме ние.Република: До вас се доставени само 105 лични карти, нема ништо од тој поголем број што беше споменат?
Спасовски: Не знам јас кој споменал, јас знам што е доставено како пријава во МВР.Република: Колегите од „Фокус“ објавија…
Спасовски: Тоа нив ќе ги прашате, не знам јас што имаат и како имаат, јас знам тоа што е доставено овде.Република: Кога може да очекуваме резултат, кога ќе заврши истрагата?
Спасовски: Кога ќе заврши истрагата!
Прашањето е зошто Спасовски, кој бомбастично ја најави истрагата за овој случај, молчи и вели дека „истрагата е во тек“. За разлика од техничкиот министер во МВР, Митко Чавков, кој, патем, на дневна база е информиран со напредувањето со истрагата и ги посочи наодите од досегашната истрага.
– Одговорено е на клучното прашање, кое е најсуштинско во овој случај, што беше подигнато на многу високо ниво и тоа од страна на министерот. Значи одговорено е на клучното прашање со кое се сакаше да се даде одговор на јавноста дали овие фалсификувани лични карти се употребени во изборниот процес. Тие не се употребени во изборниот процес. Утврдено е дека е украден идентитет на многу лица, но проверките во ДИК и во Заводот за статистика покажаа дека овие лица не постојат на избирачките списоци. Овие податоци, лица со адреси на живеење, не постојат на избирачките списоци според адреса на живеење. Не постојат и со тоа се елиминира тезата дека, наводно, се креирани фалсификувани лични карти за изборните процеси за изборните цели – вели Чавков.
Зошто Спасовски, кој како министер го најави случајот како приоритетен, молчи за резултатите од истрагата, кои се очекуваше да ги објавува чекор по чекор, односно да ја запознава јавноста за секој нов момент од неа? Уште поголем фокус на неговото премолчување е фактот што во јавноста веќе беа пуштени информации, кои веднаш потоа ги потврди неговиот заменик?
Ако некој помисли дека се работи за неоткривање детали за да не дојде до нарушување на истрагата, Спасовски и самиот уште кон крајот на минатиот месец во телевизиско интервју истакнуваше резултати од вештачењето – за квалитетот на хартијата и за печатењето дека укажува на тоа дека се работи за фалсификат, дека е направена проверка што покажала дека постојат лицата наведени на документите, дека биле издадени за Штип, Куманово, Гостивар, дека очекува наскоро да заврши вештачењето за ДНК-анализите и други зафати.
Во интервјуто посочува и дека е во „постојан контакт и комуникација со сите“ професионалци што работат на случајот, но токму денот или, поточно, деновите кога излегоа информациите дека личните карти не се користени во изборни цели, односно дека не се употребени никаде, за ниедни цели, не биле во промет – поради што, според полицијата – и нема фалсификат, токму тогаш немаше информации.
Но тогаш Спасовски посочи и што е целта на истрагата – случајот да заврши во Специјалното јавно обвинителство. Дури, посочи дека тоа и лично го очекува. И во настапот од собраниската говорница се повика на прислушуваните материјали, дури споменувајќи и конкретно име, од позиција технички министер за внатрешни работи прашан до каде е истрагата.
На истите „разговори“ или на дел од разговор што не трае повеќе од 18 секунди, се повика и во телевизиското интервју, кога ги поврза прислушувањето и аферата со личните карти како „афера што се навести со проектот ’Вистината за Македонија‘… таа афера полека, но сигурно се разоткрива”.
Имајќи го сето ова предвид, молкот, посочувањето на недостиг од информации за тоа до каде е истрагата, кусите и отсечни одговори дека ќе се изјасни „кога ќе заврши истрагата“ без да наведе барем приближна временска рамка – е несвојствен манир во кусиот министерски мандат на Спасовски. Зошто генералниот секретар на СДСМ во својство на технички министер за внатрешни работи даваше изјави за истрагата, заклучно со тоа дека ќе се испитуваат податоците од ДИК и од Заводот за статистика, а сега кога стигнаа тие податоци, замолчи?
Личните карти и пасошите со ист белег?
Многу повеќе е симптоматично, одошто случајност и игра на судбина, тоа што во ист период од годината, преку ист весник, до ист автор во тој весник, неименуван извор доставува „тврдења“ за фалсификувани биометриски документи. Лани во истиот период, со истиот разработен тек за фрлање сомнеж на изборните резултати, еден неделник финансиран од главните финансиери на опозицијата, кој сега ја отвори аферата за фалсификувани лични карти, ја отвори аферата за фалсификувани пасоши. И тогаш изворот на информацијата и на видеоснимката за фамозната „фабрика“ останаа мистерија, заедно со сите други информации што би можеле да помогнат во истрагата.
Овој пат, аферата за личните карти, преку истрагите што се водат, мора да одговорат и на уште две многу важни прашања- кој и зошто го има направено тоа? Фактите говорат дека е украден идентитет на многу лица, кои, по проверките во Државната изборна комисија и во Заводот за статистика, не постојат на избирачките списоци.
Чавков посочува на индиции за поврзаност на двата случаја, односно одговорот на кој и зошто ќе биде во корелација со аферата за патните исправи, која на времето беше објавена од истата редакција.
– Има индиции што укажуваат дека овие два случаја се поврзани, патните исправи и личните карти, така што со тоа расчистување на двата случаја ќе падне во вода и конструкцијата што сакаше да се наметне во јавноста – посочува Чавков.
Во времето на аферата со пасошите министерка во МВР беше Гордана Јанкуловска. Според неа, двете приказни, за пасошите и за личните карти, не се слични, туку се – идентични. Истиот режисер, истото сценарио, истите актери и, веројатно, истите извршители.
– Тогаш не доставија материјален доказ, никаде во правен промет не се појавил таков документ, никој не го видел, а се тврди дека има фалсификат. За да потврдиш дека има фалсификат, мора да го вештачиш документот – вели Јанкуловска.
Објаснувајќи ги биометриските документи и нивото на заштита, Јанкуловска потсетува дека обрасците не се изработуваат во Македонија, дека се набавуваат од странство и дека секој документ има различен број на заштити. Така, 105-те доставени документи може да се проверат за еден час, објаснува поранешната министерка.
– Не ми е јасно зошто молчи Оливер Спасовски, техничкиот министер. Тој ја отвори аферата, а сега го снема. Него на дневна основа го информираат, а ова го најави како битен предмет. Ова не е нешто што се случува во некое полициско одделение, тогаш може и да е разбирливо, не може министерот да знае за секоја ситница. Но, ова е предмет што е приоритетен и тој го откри. Природно е, ако те интересира предметот, да бараш информација, тоа е и право, но и обврска – анализира Јанкуловска.
Дали очекува разрешница? Секако, додава Јанкуловска, која со години го раководеше Министерството за внатрешни работи.
– Мора да има разрешница. Таа разрешница мора да биде порака и за СДСМ и за сите дека не може да си играат „Холивуд“ кога ќе им текне. На крајот на краиштата, и дома на печатач некој да испечатил лични карти, мора да одговара. Посебно за вакво сценарио, со кое се креира недоверба во институциите – очекува Јанкуловска.
Играњето „Холивуд“ во Македонија, особено како сценарио за уривање на институциите, за негирање на изборните резултати, за нарушување на вкупната доверба кон државниот апарат, е сценарио на кое опозицијата игра подолг период. Сега, кога токму опозицијата „седна“ во МВР, декларативно „за враќање на довербата кон институциите“, молкот од Спасовски целосно оди во спротивна насока.
„Република“, кон крајот на август анализираше дека „техничкиот министер од СДСМ… ќе ја има историската шанса да биде прв министер на полиција од актуелната опозиција што би поминал ‘чист’ “. „Кој и да седне по избор на СДСМ на тоа место воопшто нема да има лесна задача. Да се соочи со партискиот притисок, да се соочи со заменик-министерот, кој ќе има право на вето, да успее пред своите подредени да се наметне засенувајќи го ликот на насмеаниот Заев од Куманово, да се соочи со полициските службеници што беа тепани од СДСМ… Се чини дека од 20 октомври, во МВР ќе продолжи низата афери што ги следат министрите за внатрешни работи од СДСМ; та било тоа да се крајно криминални набавки со милионски суми, исчезнување килограми дрога од депото, убиства на полициски службеници, владеење на оружјето, изборни тепачки и убиства, до забошотени истраги…“ (Неделник „Република“ бр.154)
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 171. број на неделникот „Република“, 11.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР ќе издава лични карти во сабота и недела
-
Спасовски: За повик на бојкот ќе се оди во затвор
-
МВР место да се фокусира за злоупотреба на службена должност, се грижи кој ги направил фотографиите
-
Спасовски се грижи дали го следат на социјалните мрежи, но не и за расветлувањето на убиството на Саздовски