| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на книги од француски и франкофонски автори преведени на македонски

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, во соработка со Францускиот институт-Скопје и Филолошкиот факултет на УКИМ во холот отвори изложба на книги од француски и франкофонски автори преведени на македонски јазик.

knigi1

Покрај белетристика, изложени се и научни трудови од областа на политиката, правото, социологијата, филозофијата…, како и лексикографски изданија. За изложбата е подготвен и темелен библиографски преглед на сите преведени дела од француски на македонски, според кој на македонската јаност досега и се приопштени 800 преводи. Меѓу нив се и наслови кои се дел од капиталните книжевни едиции Ѕвезди на светската книжевност и Нобеловци, во чија реализација учествува НУБ.

Отворајќи ја изложбата, директорот на НУБ Иван Заров истакна дека секоја книжевност како репрезент на сопствената национална култура, својот легитимитет го стекнува кога ќе ги надмине тесните државни и регионални граници.

– Француската култура како стожерна европска култура, која со векови зрачела со една парадигматична сила и го обликувала на еден начин европскиот културен и цивилизациски светоглед, тој легитимитет одамна го има, и францускиот јазик од инструмент на комуникација на француската култура се трансформирал во институција per se, чии цивилизациски придобивки имаат универзално и глобално значење, рече Заров.

Директорката на Францускиот институт Изабел Марки Барбо истакна дека во денешниот тежок свет со многу ризици и тензии, останува пристапот кон културата и знаењето.

Делата на антропологот Клод Леви-Строс или на филозофот Жак Дерида, рече таа, не се дела на минатото, туку може да помогнат читателите да ги добијат клучевите за да го разберат сето она што се случува во денешниот свет.

– Особено е важно оваа литература да се чита изворно, на француски јазик, но исто така е важна и работата на преведувачите зашто со преводот ќе стане подостапна суптилноста на францускиот јазик, суптилноста на изразот. Ме радува фактот што околу 800 дела од француски се преведени на македонски. Тоа ја покажува живоста на француската култура, но и извонредноста на соработката на тоа поле помеѓу Франција и Македонија, додаде Барбо.

Писателот Александар Прокопиев за францускиот пишан збор рече дека е голема иновативност, шарм и креативност споени во едно и дека во француската литература има автори кои се основоположници на некои книжевни жанрови и се ненадминати обрасци на тоа како се пишува роман, есеј или поезија. Тој го претстави библиографскиот преглед на книгите кои се преведени од француски на македински јазик, составен од Елена Никодиновска, Весна Арсова и Ирина Бабамова.

– Овој библиографски преглед ќе сведочи не само за големата и трајна љубов на македонскиот преведувач кон француската литература, туку и за огромната и богата лепеза на преведени дела од француски автори од сите епохи на македонски јазик, истакна Прокопиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top