Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку соопштение во врска со изградбата на објектите за двата факултета информира дека тие се во состав на Универзитетот и се објекти кои се поврзани со високото образование и дејноста на Универзитетот. Појаснуваат дека изградбата на двата објекта ги надминува финансиските можности на факултетите и на Универзитетот, па од тие причини инвеститор е Република Македонија преку Министерството за образование и наука, а истовремено и земјиштето е во сопственост на Република Македонија.
– Просторот на кој ќе се градат зградите воопшто не се користи од студентите на УКИМ, туку низ него минува пат кој го користи локалното население (со судска одлука), како и простор кој го користат различни девијантни групи во текот на ноќта, за што зборуваат секојдневните оштетувања на објектите, чести кражби и присуство на биохазарден материјал, кој е потенцијална опасност за сите минувачи- наведуваат во соопштението.
Додаваат дека не може да стане збор за рушење на автономијата на Универзитетот особено кога два негови факултети имаат неопходна потреба за обезбедување просторни услови за работа согласно со нормативите и стандардите за вршење високообразовна дејност.
Информираат дека по изградбата зградите ќе бидат пренесени на трајно користење на факултетите. Станува збор за Факултет за физичка култура и Факултет за информатички науки.
Како што појаснуваат Факултетот за физичка култура е основан 1977 година. Од основањето до денес наставата се изведува во училиштето за средно образование „Методија Митевски Брицо“, а просториите (предавални и спортски сали), Факултетот со 700 студенти ги дели со уште три правни субјекти. Заради тоа, посочуваат, наставата се одвива во отежнати услови.
– Истовремено, на објектот (бараките) поради дотраеност само во последниве три години се случија три немили настани, кои за среќа завршија без последици по студентите и вработените (паѓање на кровот и пожар), по што Факултетот писмено се обратил до Министерството за образование и наука (МОН) за итно решавање на проблемот со простор – се наведува во соопштението.
За Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) посочуваат дека е формиран на почетокот на 2011 година со Закон за основање на ФИНКИ.
– Со формирањето на посебен факултет за информатика на УКИМ, заради интересот за студирање, во овие изминати четири години речиси за трипати се зголеми бројот на студенти кои студираат информатика, па така на ФИНКИ денес студираат 4.000 студенти. Факултетот се соочува со сериозен проблем со просторни услови за изведување на наставата. За настава се користат сите можни слободни простории од Технолошко – металуршкиот Факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет и дел од просториите на Природно – математичкиот факултет. Овој простор е далеку од доволен за нормално одвивање на наставата, па така наставата се одвива во две смени од 8 часот наутро до 20 часот навечер од понеделник до петок, а се изведува настава и во саботите, стои во соопштението во кое се додава дека поради овој факт, постои проблем за организирање на наставата, а посебно во поглед на дополнителни активности за студентите на кампусот, како што се работилници, научни кампови, предавања од индустријата, студентски клубови, секции, а за кои,како што наведуваат, има огромна заинтересираност па дел од нив се одвиваат во ноќните часови по 20 часот, додека за некои од нив нема расположливи простории- велат од УКИМ.
Од УКИМ во соопштението посочуваат дека тргнувајќи од сето тоа, органите и телата на факултетите со одлуки ја утврдиле потребата за нови згради, но со оглед на материјално финансиската состојба на факултетите и неможноста сами да ги изградат објектите, тие во соработка со стручни лица изготвиле и доставиле до МОН проектна програма со сите потребни содржини и површини за изработка на техничка документација за објекти за факултетите со инкорпорирани функционални потреби. Како што појаснуваат Министерството за образование и наука врз основа на барањата и проектните задачи изготвени и доставени од двата факултети, како инвеститор, спровело постапка по конкурс за идејно решение за зградите, а во жири-комисијата членови биле и деканите на двата факултети.
Понатамошните постапки околу изградба на нови згради за потребите на двата факултета продолжуваат во рамките на Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.