| четврток, 6 декември 2018 |

Кривични пријави против командир и неколку полициски службеници

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди санкционираше неколку полициски службеници во Неготино и во Македонска Каменица.

Во првиот случај, поднесена е кривична пријава против Ж.Д.(31) заменик командир во ПС ОН Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, Г.Д.(42) и А.М.(34) полициски службеници од ПС ОН Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.

Утрото на 5 март годинава во 08.00 часот Г.Д. и А.М. извршиле преглед над патничко возило „форд“ при што констатирале дека било натоварено со бесправно исечена дрвна маса. За настанот го известиле дежурниот на полициската станица, а веднаш потоа и заменик командирот кој пристигнал на местото на настанот и наредил да го пуштат лицето затоа што му бил роднина.

Во вториот случај поднесена е кривична пријава против Б.Г.(43) и А.Ј.(30) полициски службеници во ПО Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

На 17-ти овој октомври, пријавените на ул. „Камненичка“ затекнале паркиран трактор натоварен со бесправно исечена дрвна маса за кој од нивна страна бил известен и повикан полицаец од Шумска полиција. При изготвување на документација за одземање на тракторот со дрвната маса возачот на тракторот поради невниманието на полициските службеници го откачил тракторот од приколката и избегал од  местото на настанот. По ова пријавените без да се упатат по тракторот изготвиле нова потврда за одземени предмети во која ја навеле само приколката со натоварената дрвна маса без да го евидентираат  тракторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top