| четврток, 6 декември 2018 |

Нова премиера во Театар Комедија – „Господарот на кукавицата“ на Венко Андоновски

Галичник и Скопје се местата во кои се одвива дејството и борбата меѓу традицијата и глобализацијата во претставата

„Господарот на кукавицата“ е најнова претстава на „Театар Комедија“ чија премиера е закажана за в понеделник (20 часот). Автор на текстот е Венко Андоновски, режисер Андреј Цветановски и ќе игра целиот ансамбл на овој театар. Во претставата гостува и актерот на Драмски театар Рубенс Муратовски.

Претставата не е класична комедија во која целта е смеата, туку има елементи на драма на апсурдот. Говори за глобализацијата и за она што таа како закана го покажува кон идентитетит на малите култури.  „Господарот на кукавицата“ е претстава за војната меѓу традицијата и глобализацијата.

Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија најавува грандиозна и вчечатлива претстава со одлична и голема сценографија која ја изработија Сергеј Светозарев и Милан Несторов.

– Со оваа претстава правиме исчекори на повеќе нивоа, како комплетно театарско дело е доста гломазно – рече Жугиќ.

Костимограф е Александар Ношпал, а музиката е на Оливер Јосифовски од „Љубојна“. Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов.

teatar komedija1

– Апсурдот е сместен во тоа што ние беспоговорно слушаме се што ќе се предложи, без никаков критички однос кон тоа. Тука е апсурдот. Комедијата говори за бришењето на локалните, мали култури, и за културолошките разлики меѓу она што неправедно го викаме свет, а себеси неправедно се поместуваме како „ние“ и како маргини на светот. Не е чиста комедија, но ќе има многу смеа. Комедијата има лековита димензија и овој театар со оваа комедија ќе биде повторно аптека на смеата – изјави авторот Андоновски.

Истакна и дека му е задоволство да работи со генерација на, главно, помлади актери во овој ансамбл кој, како што рече, за краток период од четири години постоење направил премногу. Рече и дека е пријатно изненаден од зрелоста на режисерот Цветановски и од неговиот сериозен пристап кон претставата.

Галичник и Скопје се местата  во кои се одвива дејството и борбата меѓу традицијата и глобализацијата.

– За вечниот конфликт на големото и малото, на нашето и нивното, на прашањето дали е подобро качамак или Мекдоналдс, дали редбул или вода од Упија, дали е подобро кока-кола или природен сок од цреши. Да видиме што значи терминот глобализација и како глобализацијата ја прифаќаме толку едноставно како веќе дадена аксиома, не се ни обидуваме да размислиме што се носи таа, лесно ги прифаќаме сите работи што доаѓаат однадвор без оглед на нивниот квалитет и потенцијал – рече Цветановски.

rubens muratovski

Муратовски во претставата ќе го толкува ликот на старецот Никодим од Галичник, кое и место од кое самиот потекнува.

– Галичник е изворно, чисто место, заштитено од лошите работи кои доаѓаат од надвор. Не можеме  да станеме Европејци, а да го загубиме она што го имаме во генот, рече Муратовски, кој инаку е по потекло е галичанец.

„Театар Комедија“ во март ќе одбележи четири години постоење во кои  „Господарот на кукавицата“ е петта праизведба на домашна комедија, а втора соработка со писателот Андоновски.

На 18 декември ансамблот ќе гостува во Сатиричниот театар во Софија со две претстави: француската модерна драма „Име“ во режија на Нени Делместре, со која театарот ја отвори новата сезона, и со „Лисистрата“ во режија на Наташа Поплавска.

gospodarot na kukavicata

– Ќе се претставиме пред публиката во Бугарија каде не сме гостувале во ова наше четиригодишно постоење. За нас е многу важно да се претставиме, пред се, во регионот, регионот да научи дека постои еден жанровски определен театар во Скопје, а рамо до рамо се носи со Драмски театар и со Македонскиот народен театар, рече Жугиќ. Таа е задоволна од посетеноста на нивните претстави, бидејќи од почетокот на новата сезона  (10 септември) до сега имале 12.000 гледачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top