Медиумот што е сопственост на некогашниот југословенски дисидент, а сега еден од најбогатите косовски бизнисмени Ветон Сурои, не ги објави фактите на кои го темели своето тврдење и со тоа ги отвори дилемите дали, навистина, ИСИС се крие во Македонија или, пак, се работи за друга агенда со сосема поинаква заднина. Веднаш по веста во косовскиот медиум, се јави и српски весник близок на безбедносните служби, кој објави дека членови на ИСИС подолго време живеат во пограничниот регион меѓу Косово и Србија, во пределот на Прешево, Медвеѓе, Бујановац.
Весникот „Коха диторе“, чиишто двајца новинари беа уапсени во Куманово за време на акцијата на македонските безбедносни сили кога загинаа осум специјалци на МВР, сега цитира неименувани безбедносни служби, кои тврдат дека во Скопско, заедно со своите колеги терористи од Сирија, се вратил Љавдрим Мухаџери, за кого медиуми блиски до ИСИС летоска тврдеа дека загинал во пресметки со силите на Асад. Овој Косовец светската јавност го запозна како човек што пукаше со ракетен фрлач во заробен сириски војник и кој со нож сечеше глави пред камерите на пропагандната единица на ИСИС.
За присуство на припадници на ИСИС сведочеше и новинарка на германската „Ер-Те-Ел“, која во телевизиски прилог објавен во август тврдеше дека во Скопско разговара со припадник на ИСИС, кој решил да се врати од Сирија. Иако на видеото на кое зборува снимениот член на Исламска држава не може јасно да се види дека тој се наоѓа во Македонија (дел од аналитичарите што ги опсервирале снимките велат дека, за разлика од видеоинсертите со кои се покрива тонот на новинарката од видеото со интервјуто, не може да се утврди каде е снимен разговорот) нема посебна причина да не се верува на угледниот германски медиуми иако и претходно имало случаи на манипулирање со видеоматеријали и со информации од странски медиуми.
Без разлика дали сегашните информaции се манипулации, во секој случај, Македонија и Скопје пред светот сѐ повеќе стануваат опасни точки на европската мапа. Со тоа прво се испраќа порака дека Македонија нема контрола на својата територија, потоа се создава лош имиџ пред сите туристи и потенцијални инвеститори, кои ќе гледаат да избегнат каква било средба со ИСИС и, трето, се создава впечаток дека Скопје е новиот Бејрут.
Последната точка е најопасна и поради индиректната насока што им се дава и на другите балкански повратници од Сирија и од Ирак. Иако на врвот на земјите што испратиле свои граѓани во ИСИС во Сирија и во Ирак се Косово и Албанија, сега „Коха диторе“ повратниците од ИСИС ги повикува да дојдат во Македонија каде што, ако може да се крие Мухаџери, како познато лице од порталите на светските агенции, прибежиште можат да најдат и други помалку експонирани луѓе од негов ков. Пораката за сите нив треба да биде „ИСИС без проблеми функционира во Македонија, каде што имаме јатаци и сме на безбедно“. Поради фактот дека ниту „Коха диторе“, ниту другите косовските медиуми, а уште помалку косовските безбедносни структури сакаат да соработуваат со македонските власти при утврдување на фактите на теренот, овие информации треба да се разберат сериозно.
Во исто време, не треба да се отфрли ниту можноста тие да се дел од специјална војна што голем дел од српските и од косовските институции и медиуми ја почнаа за време на косовските настани. Тогаш дел од српските медиуми објавија дека македонската полиција се повлекла од границата со Косово и со Србија и практично ги повика сите косовски радикали да дојдат и да им помогнат на своите другари во Куманово, а дел од Косовските медиуми, политичари и интелектуалци се обидоа кумановскиот инцидент да го прикажат како борба за човековите права на Албанците во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.