Кардиоваскуларните болести уште се причина број еден поради која луѓето умираат во светот. Тие ги напаѓаат луѓето кои се во полна работна сила. Но, денес таа граница е многу поместена. Денешниот начин на живеење, стресот, физичката неактивност, седаторниот начин на живеење, пушењето цигари, прекумерната телесна тежина, сето тоа придонесува кај луѓето да дојде до таканаречено предвремено стареење на крвните садови. Тогаш се говори за забрзана артериосклероза. „Ние неодамна имавме пациент, 35-годишен маж, чии крвни садови беа на ниво на 60-годишно лице. Значи, биолошката старост на неговите крвни садови не кореспондира со неговата хронолошка старост. Затоа се поместуваат границите за настанување на овие кардиоваскуларни заболувања, вели д-р Горан Николов, специјалист-интернист и супспецијалист-кардиолог во Центарот за внатрешни болести „Срце“.
Какви болести се кардиоваскуларните болести?
НИКОЛОВ: Терминот „кардиоваскуларни болести“ подразбира заболување на срцето и крвните садови и на артериските и на венските крвни садови. Многу заболувања влијаат на срцево-садните заболувања. Меѓутоа, кога го спомнуваме терминот кардиоваскуларни заболувања, секогаш мислиме на артериосклерозата. Артериосклерозата во суштина претставува процес на стареење на крвните садови каде што постојано имаме таложење на маснотии во крвните садови, понатаму калциум, колеген, воспалителни станици со едно последователно стеснување на крвните садови. Во зависност од тоа која регија е зафатена и кои крвни садови се зафатени, ќе настане заболувањето. Ако се зафатени крвните садови на мозокот, ќе се случи мозочен удар, ако се зафатени крвните садови што го хранат срцевиот мускул тогаш станува збор за болеста позната уште како ангина пекторис. Карактеристично за овие заболувања е тоа што сите овие имаат слични причинители, слични механизми на настанување и сличен третман.
Зошто кардиоваскуларните болести уште се најголема причина за смртност како во светот, така и кај нас?
НИКОЛОВ: Кардиоваскуларните болести се убиец број еден кај човекот. Повеќе од 17 милиони луѓе во светот умираат годишно како последица на срцевите заболувања. Тоа е повеќе отколку што умираат луѓе болни од карцином. Иако стапката на смртност на кардиоваскуларните болести опаѓа во развиените земји, таа е во голем пораст кај земјите во развој и кај неразвиените земји. Процентот на прерана смрт во развиените земји опаѓа и таа е околу четири отсто, додека во неразвиените таа достигнува фрапантна бројка до 42 отсто. Бројот на застапеност на заболувања кај кардиоваскуларните болести кај жените денес е во огромен пораст. Смртноста кај жените од овие болести е осум пати поголема отколку кај ракот на дојката, а знаеме дека карциномот на дојката и на гениталиите се водечки карциноми кај жените.

Смртноста кај жените од овие болести е осум пати поголема отколку кај ракот на дојката, вели д-р Николов
Кои се ризик-факторите?
НИКОЛОВ: Ризик-факторите ги делиме на две форми: немодифицирачки и модифицирачки ризик-фактори. Во првите фактори спаѓаат полот, бидејќи општо е познато дека мажите повеќе страдаат од срцевите заболувања, потоа возраста – со стареењето ризикот за овие заболувања се зголемува. Во немодифицирачки фактори спаѓа и генетиката. Познато е дека во некои семејства луѓето умираат премлади од кардиоваскуларни болести. Во модифицирачки фактори се пушењето цигари, дебелината, покачениот крвен притисок, зголемените маснотии во крвта, дијабетот. Но, ова се модифицирачки фактори и тоа значи дека на нив може да влијаеме со лекови, со промена во животниот стил. Многу е важно да се престане со пушење, бидејќи со тоа за 80 отсто се зголемуваат шансите за намалување на болестите на срцето. Престанокот на пушењето е најдобар лек.
Она што е карактеристично во последно време кај нас е тоа што и лица на 40 години се болни од срце. Како го коментирате овој тренд?
НИКОЛОВ: Кардиоваскуларните болести ги напаѓаат луѓето кои се во полна работна сила. Но, денес таа граница е многу поместена. На нашиот последен состанок на Македонското здружение на кардиолози имавме еден случај кој го реферираа колегите. Станува збор за акутен инфаркт кај млад маж од 26 години. Таа граница сѐ повеќе се поместува. Познато е дека оштетувањето на крвните садови почнува во младоста, во адолесцентниот период. Зошто таа граница е поместена? Денешниот начин на живеење, стресот, физичката неактивност, пушењето цигари, прекумерната телесна тежина, сето тоа придонесува кај луѓето да дојде до таканаречено предвремено стареење на крвните садови. Ние говориме за една забрзана артериосклероза. Ние неодамна имавме пациент, 35-годишен маж,чии крвни садови беа на ниво на 60-годишно лице. Значи, неговата биолошка старост на крвните садови не кореспондира со неговата хронолошка старост. Затоа се поместуваат границите за настанување на овие кардиоваскуларни заболувања.

Денешниот начин на живеење придонесува кај луѓето да дојде до таканаречено предвремено стареење на крвните садови
Како да ги превенираме овие болести?
НИКОЛОВ: Постои примарна и секундарна превенција. Би ја апостофирал секундарната превенција. Тоа подразбира пациенти кои веќе имаат докажано заболување – имале мозочен удар, срцев удар, инфаркт на миокардот. Многу е важно овие пациенти да не добијат повторно удар. Мора да се направи модификација на животниот стил. Ако еден човек имал зголемена телесна маса мора да ослабне, да се движи повеќе, да практицира прошетки, возење со велосипед или слично. Физичката активност за современиот човек е многу важна. Мора да се стават под контрола сите заболувања. Ако некој има хипертензија, треба да се третира неговиот крвен притисок, ако има зголемени маснотии во крвта, треба да ги намали, ако има дијабет, тој треба да биде ставен под контрола со помош на лекови или инсулин. Постојат фармаколошки и нефармаколошки мерки. Во нефармаколошки мерки спаѓа хигиено-диететскиот режим, а во фармаколошки се лековите. Друг начин на лекување е интервентната кардиологија, во народот уште познато како преглед со жица. Со овој преглед се гледа каде и колку се затнати крвните садови. Тој метод не е само дијагностички, туку е и исцелителен. Може да се постави стент онаму каде што е потребно и пациентот да биде излекуван. Меѓутоа, кај некои пациенти тоа не е така. Се прави „синтакс-скор“ и се гледа колку се зафатени крвните садови, дали станува збор за повеќесадовна болест, кои типови на лезии се зафатени и ако тоа не е поволно за стентирање, тогаш пациентот се препраќа на кардиоваскуларна хирургија.
Кои се вашите препораки за да не дојде до кардиоваскуларни болести?
НИКОЛОВ: Потребно е усвојување на здрави навики уште од детството. Одржување на идеалната телесна тежина со здрава линија на телото, физичка активност, занимавање со спорт. Тоа треба на младите да им се втемели уште од најрана возраст. Избегнување на штетните навики како што е пушењето цигари, да се внимава на здравата исхрана, да се консумира повеќе зеленчук и овошје. Сето тоа се мерки за превенирање на атеросклерозата со претпоставка на еден здрав и долговечен живот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


