| четврток, 6 декември 2018 |

Нова авио линија Скопје – Прага, еве колку ќе чини билетот

Од 20 мај 2016 година, Чех ерлајнс (CSA) ќе ја обнови својата редовна авионска линија Скопје – Прага, со три лета неделно. Продажбата на билетите за летовите Скопје – Прага е отворена преку сите канали за продажба. Билет во еден правец чини 5.039 денари, додека пак цената за повратен билет изнесува 9.725 денари вклучувајќи ги сите такси.

 

Чех ерлајнс (CSA) ќе почне со операции на линијата Скопје – Прага од 20 мај 2016 и ќе лета два пати неделно кон аеродромот ,,Александар Велики’’. Полетувањето од Скопје ќе биде во понеделник и петок наутро во 04:10 по локално време, а пристигнувањето на аеродромот ,,Вацлав Хавел’’ во Прага во 06:00 по локално време.

Од 13 јуни 2016, авиопревозникот ќе додаде уште едно полетување од Скопје во среда во истото време. Летовите од Прага ќе бидат во четврток и недела, а од  14 јуни 2016 и од вторник, навечер од 22:25 по локално време, со пристигнување во Скопје во 00:25. Летовите ќе бидат оперирани со модерни воздухоплови Ербас A319 со 144 седишта во бизнис и економска класа. Чех ерлајнс (CSA) планира да оперира преку целата година.

Билетите за новата рута од вчера се во продажба преку сите канали на авиокомпанијата, односно преку веб-страницата www.czechairlines.com, како и преку нивниот контакт-центар и мрежата на туристички агенции кои се занимаваат со продажба на авиобилети.

-Многу сум среќен што традиционалниот бренд – Чех ерлајнс (CSA), еден од најстарите авиопревозници во светот, наскоро ќе се врати кон своите дестинации на Балканскиот полуостров. Ние го сметаме овој регион за многу перспективен благодарение на фактот дека овие земји се на патот кон Европската Унија. Постојат многу деловни операции меѓу Македонија и Република Чешка. Токму во овој регион гледаме потенцијал за редовен воздушен сообраќај. Во исто време, веруваме дека директната врска меѓу Прага  и Скопје ќе придонесе за натамошен развој на деловните односи меѓу двете земји. Исто така, убедени сме дека редовната директна врска ќе биде привлечна за туристите од двете земји. Македонија и Чешка, како и Скопје и Прага, без сомнение имаат бројни атрактивни места за сите видови туристи, изјави  Jан Тот, директор за комерција и маркетинг во Чех ерлајнс (CSA).

Редот на летање е направен да одговара на македонските деловни и туристички патници кои патуваат во Прага, односно Чешка. Двете целни групи ќе може да го планираат својот престој така што ќе имаат време од два полни дена со една ноќ или еден продолжен викенд.

-Со новата линија Скопје-Прага остваруваме уште едно барање на нашите ценети патници за директен лет до една од најубавите европски метрополи, градот на стоте куполи, како што ја нарекуваат Прага. Авиокомпанијата Чех ерлајнс (CSA) оваа линија успешно ја опслужуваше од 2005 до 2012 година. Повторното летање за Прага ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија. Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго-превозот, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Пристигнувањето на новите летови од Скопје кон Прага е координирано со поаѓањето на многу редовни летови на Чех ерлајнс (CSA). Патниците кои патуваат од Скопје на тој начин ќе имаат можност да го продолжат патувањето со брз и лесен трансфер, со летовите Чех ерлајнс (CSA) до голем број на традиционални дестинации како што се Амстердам, Брисел, Франкфурт, Дизелдорф и Париз, но и многу градови во Скандинавија, како на пример Билунд и Копенхаген во Данска, Гетеборг и Стокхолм во Шведска, како и Хелсинки во Финска. Од друга страна, воведувањето на редовни директни летови од Прага до Скопје ќе ја направи Македонија атрактивна и достапна за туристите од Чешка и од други земји.

По четиригодишна пауза поради преструктуирање, Чех ерлајнс (CSA) со оваа линија се враќа на своите традиционални дестинации на Балканскиот полуостров, од каде планира да почне операции на неколку дестинации до Прага. Во летната сезона 2016 година, Чех ерлајнс (CSA) планира да воведе и редовни летови до Прага од Загреб и од Сараево.

Историски, првиот лет од Скопје до Прага на Чех ерлајнс (CSA) беше на 17 мај  2005 година. Операциите на оваа линија беа прекинати на 17 март  2012 годдина поради преструктуирање на компанијата.

ТАВ Македонија од јануари до ноември годинава бележи зголемување од 21% на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – ,,Александар Велики’’ во Скопје и ,,Свети Апостол Павле’’ во Охрид, притоа достигнувајќи 1.435.053 патници во периодот од 11-те месеци. Во исто време, вкупниот број на воздухопловни операции  изнесува 14.244, што е зголемување од 10%.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top