Вардар го одигра последниот натпревар во Лигата на шампионите во 2015 година во рамките од 10.коло во кое го пречека Колдинг и го декласираше со 34-24. Со тоа „црвено-црниот“ состав им се врати на победите по трите несреќни порази од Барселона (два) и Кјелце.
Избраниците на Раул Гонзалес му вратија на Колдинг за првиот пораз сезонава со камата, а натпреварот беше решен уште по првото полувреме кога дојдоа до предност од 10 голови (18-8).
Шпанскиот тренер им даде шанса на сите играчи, а тие му возвратија со ангажирана игра во одбраната која ја предводеше феноменалниот Арпад Штербик со 14 одбрани за 40 минути игра, и неговата замена Страхиња Милиќ со шест одбранети удари. Во нападот дури 12 играчи се запишаа во листата на стрелци, а нив ги предводеа Матјаж Брумен, Тимур Дибиров, Лука Циндриќ и Алем Тоскиќ со по четири гола.
Кај гостите од Данска се истакна Спелерберг кој посстигна осум погодоци.
По ова коло следи пауза од два месеца поради репрезентативните настапи на играчите од Лигата на шампионите поради Европското првенство во Полска кое започнува на 15.јануари 2016 година.
Следниот натпревар Вардар ќе го има на тешкото гостување против Рајн Некар на 11.февруари следната година. Со оваа победа „црвено-црните“ се искачија на третото место на табелата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.