| четврток, 6 декември 2018 |

СПМ: СДСМ во име на демократијата сака медиумите да ги стави под јарем

Социјалистичката партија на Македонија најостро се спротивставува на предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложен од страна на опозицискиот СДСМ, и најостро го осудува овој диктаторски упад во медиумската слобода и слободата на јавно изречениот збор.

spm

– Социјалистичката партија на Македонија не е изненадена од развојот на настаните поврзани со таканаречените преговори во делот на пакетот кој се однесува на работата на медиумите. Со овој предлог се разобличува СДСМ и самата го покажува своето вистинско апсолутистичко лице и партиското искривено поимање на демократијата и слободата, се вели во соопштението на СПМ.

Не помалку штететен за медиумската слобода е и предлогот на белгискиот таканаречен посредник во преговорите, памфлет од закон, преполн со дупки и недерочености, кој како законско решение не постои ниту во една европска земја.

– Тој за нас е целосно неприфатлив, како што се неприфатливи и аргументите за наводната специфична ситуација во Република Македонија – велат од партијата.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека е потребно да се применат препораките од Еу за либерализација на медиумите, а не да се врши скандалозна и невидена партизација на Агенцијата за медиуми и медиумите воопшто, кое го цениме како целосно недемократски и неприфатлив предлог.

За Социјалистичката партија на Македонија е неразумна намерата новинарите да се исфрлат од правото на учество во Советот на МРТВ и во Агенцијата за медиуми, како што овозможува постоечкиот концепт.

– Уште помалку е прифатливо поставувањето на партиски послушници кои ќе им судат на медиумите, и ќе одлучуваат за македонските медиуми. Сметаме дека ова претставува перфиден обид да се протурка предлог закон, оптеретен со сите нелогичности и недоречености, за покасно да се надополнува со рестриктивни формулации и можности за казни по волја на предлагачот, со што под партиска контрола целосно би се ставиле медиумите и новинарите во Македонија, спротивно на општествените и државните интереси – велат од СПМ.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека доколку воопшто се поставува прашањето кому му е потребен нов закон, кога сегашниот, во целосна координација со ЗНМ, е донесен пред само две години, како пример за либерален закон за медиуми, кој во ниту еден извештај на ЕУ и ОБСЕ не е оспорен неговиот квалитетот и соддржина, одговор даде самиот Зоран Заев соопштувајќи дека токму медиумите се најголемите политички непријатели на СДСМ, што претставува до сега невидена и безочна закана и отворен притисок кон медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис, кои не работат по нивната партиска директива или нивните потреби и желби.

Ставот на Социјалистичката партија на Македонија од своето постоење до денес е заложбата за слобода на изравувањето и објективното информирање и дека овој недемократски, нецивилизациски и неевропски закон не смее да се наметне, за што е потребно да се искористат сите демократски средства и гласот на новинарите, во што ја имаат безрезервната поддршка на Социјалистичката партија на Македонија.

– Медиумите, односно новинарите ја претставуваат четвртата власт во секоја земја, која СДСМ во име на демократијата сака да ја стави под јарем, а со цел да ги замолчи и да ги контролира. Цврсто сме убедени дека секој македонски граѓанин го дели нашиот став и дека слободната мисла, јавно изречениот збор и новинарите ќе ја добијат поддршка од јавноста. Македонија е држава на слободни граѓани, кои својата тешко стекната слобода и демократија нема да дозволат да им ја одзеде една недемократска и тоталитарна политичка партија каква што е СДСМ, потенцираат од СПМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top