| четврток, 6 декември 2018 |

Сменета пресудата: Оскар Писториус прогласен за виновен за убиство

Јужноафриканскиот апелациски суд денеска ја измени првичната пресуда за параолимпиецот Оскар Писториус, прогласувајќи го за виновен за убиство.

Oskar-Pistorijus-640x360

На првото судење, што заврши во октомври 2014 година, Писториус беше осуден на пет години затвор, за ненамерно убиство на својата девојка Рева Стенкамп.

Минатиот месец тој беше пуштен од затворот и префрлен во домашен притвор, каде што требаше да ги помине следните четири години, до издржувањето на казната.

По преиначувањето на пресудата, некогашната ѕвезда на јужноафриканската атлетика и спортски херој на Јужна Африка, мора одново да се појави пред суд во Јоханесбург, каде што ќе треба да му биде определена новата казна.

Минималната казна за убиство во земјата изнесува 15 години затвор, но судот може да реши и поинаку.

Во образложението на Апелацискиот суд за менување на квалификацијата на кривичното дело, се вели дека првостепениот суд погрешил што не го имал предвид фактот дека Писториус морал да биде свесен, оти пукајќи од моќниот пиштол во рацете, некој ќе биде убиен.

Судот не споменува дали новата вина на атлетичарот значи дека тој намерно и со умисла ја убил својата девојка.

Трагичниот инцидент се случи во февруари 2013 година во вилата на Писториус во Преторија. Според неговото објаснување, тој пукал четири пати низ затворената врата на бањата, мислејќи дека таму се крие провалник, без да знае дека во меѓувреме во бањата влегла неговата девојка Рива Стенкамп.

Обвинителство од почетокот не го прифаќа ваквото толкување на Писториус и тврди дека станува збор за убиство со умисла, поткрепувајќи го тоа само со тврдењето на соседите дека пред пукањето слушнале расправија и викотници во куќата на атлетичарот.

Судијата во првото судење не го прифати ваквото квалификување на случајот тврдејќи дека за тоа нема доволно силни докази. Обвинителството уште веднаш најави дека ќе се жали на пресудата за ненамерно убиство.

Писториус сега ќе мора да се врати во затворската ќелија, затоа што сигурно ќе биде осуден на казна повисока од пет години, колку што е максимумот за да може казната да ја издржува во домашен притвор.

Тој има право на жалба до Уставниот суд, но само доколку неговите адвокати оценат дека е повредено некое негово уставно право.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top