Можно е ЕУ и турски лидери, кон крајот на неделава да објават таен договор за распределба на 400 до 500 илјади сириски бегалци од Турција во ЕУ, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан, цитиран од Ројтерс.
Орбан изјави дека очекува интензивен притисок тој да прифати дел од овие бегалци и додаде дека Унгарија не може да го стори тоа. Тој рече дека овој договор веќе беше предложен на неодамнешниот самит на ЕУ во Малта, но не беше вклучен во потпишаните викендов во Брисел договори помеѓу ЕУ и Турција, бидејќи неговите предлагачи не можеле да ја добијат потребната поддршка.
– Ова прашање за раселените, ќе биде жешка тема во блиска иднина, бидејќи иако може да се држи во полутајна, некој некаде, според мене оваа недела во Берлин, ќе соопшти дека меѓу 400 000 и 500 000 бегалци може да бидат донесени директно од Турција во ЕУ. Ова непријатно изненадување допрва им претстои на европејците, рече унгарскиот премиер.
Тој навести дека архитект на овој договор е Германија и рече дека тоа може да ги дефинира политичките изјави во Европа, во наредните денови и недели.
– Ќе биде вршен интензивен притисок на нас и на другите земји од Вишеградската четворка (Полска, Чешка и Словачка), рече Орбан.
– Ќе се тврди дека откако договорот е склучен меѓу некои земји, а за да избегнам дипломатски компликации, нема да ви кажам во која земја е Берлин, не треба само да ги доведеме овие луѓе во Европа, но и да си ги распределиме како обврска. Тоа нема да се случи лесно, бидејќи очигледно не можеме да го прифатиме, изјави унгарскиот премиер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.