Турција треба суштински да ги прошири своите напори во борбата против терористичката група „Исламска држава“ и да воведе ред на границата со Сирија, во која продолжуваат да се префрлуваат странски борци и стока за терористите. Ова го изјави на прес-конференција денеска во Париз, претседателот на САД, Барак Обама, по учеството во конференцијата на ОН за климатските прашања.
– На границата меѓу Сирија и Турција, како и досега, постојат делови од неколку километри, кои се користат за префрлување странски борци и за набавка на стока, рече Обама, цитиран од агенциите.
– Турската армија може да направи многу повеќе од својата страна на границата, истакна американскиот претседател и додаде дека според него претседателот Ердоган исто така го знае тоа.
Обама рече дека за овие прашања разговарал со турскиот лидер на нивниот состанок во Париз и се надева на промена. Претседателот на САД истакна дека Турција се соочува со голем прилив на бегалци од Сирија и други држави, и поради оваа причина ги држи отворени границите.
Барак Обама смета дека оваа позиција заслужува почит и поддршка, но и покрај тоа на границата треба да биде воведен ред.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.